Број 2950  вторник, 31 март 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Скопје

ИНТЕРВЈУ

Најважно е да се решат комуналните проблеми

Сите урбанистички планови треба да се ревидираат, вели кандидатот за градоначалник на Центар од СДСМ, Мирослав Вуиќ

Деспина Трајковска



Од противничкиот табор Ве обвинуваат дека немате програма за работа, немате проекти и идеи за развој на Општината. Што може да им ветите на граѓаните доколку Ве изберат?


Точно е дека не им ветувам катни гаражи, изградба на станови, мостови..., но во никој случај тоа не се проекти кои може да ги реализира градоначалникот, бидејќи нема такви ингеренции. Од друга страна, срамота е на граѓаните да им ветувате грандиозни зданија кога во денешно време значителен дел од граѓаните на Центар користат септички јами, немаат доволен притисок за вода, шетаат по раскопани улици, а живеат не само во централната скопска општина, туку во општина која е центар на државата. Иако е неблагодарно да се прогнозира, сметам дека решавањето на основните комунални проблеми ќе одземе доста време, па дури потоа можеби ќе се посветам на изградба на катни гаражи, или други капитални објекти, и тоа со помош на средства од разни меѓународни фондови, преку облици на приватно-јавно партнерство или слично, бидејќи општинскиот буџет не го дозволува тоа. Приоритет ќе ми биде донесување урбанистички планови за Маџир Маало, Крњево и за делови од реонот на Кале, што би било основа за понатамошна урбанизација на овие реони.

Убеден сум дека од ден на ден ќе никнуваат проблеми со кои ќе се соочат граѓаните, кои сега не можеме да ги предвидиме, па за таа цел приоритет ќе ми биде и активирање на 17 урбани заедници во Општината. Директно преку нив ќе се лоцираат сите новоизродени проблеми со кои ќе се соочуваат граѓаните. Досега тие не функционираа, но не од навидум оправдани причини, туку тоа не им одговараше на општинарите. Просториите на месните заедници ги издаваа за нечии интереси и профити. Особено внимание ќе му посветам и на сообраќајот, онолку колку што ми дозволуваат ингеренциите. На неколку локации во Дебар Маало планирам изградба на кружни текови како делумно би го растовариле булеварот „Партизански одреди“ и „Илинденска“.



Ревизија на урбанистичките планови е дел од Вашите приоритети. Кои планови сакате да ги „прочешлате“, зошто и кои други активности планирате да ги преземете на полето на урбанизмот?

Несомнено е неопходна ревизија на сите урбанистички планови со измени и дополнувања од понов датум, меѓу нив ДУП Мал ринг, Голем ринг, Зелено пазарче, Буњаковец, Капиштец. Тоа не значи нивно поништување, туку преиспитување на постапките со кои се донесени, бидејќи имам сознанија дека, притоа, грубо се прекршени законите. Значи, доколку се утврдат неправилности, автоматски од старт да ги пресечеме планираните градби, а не кога ќе стасаат до одредена фаза како постепено би биле принудени да ги легализираме. Недозволиво е од вцртани маркички за катни гаражи, преку ноќ, со непочитување на постапките да се планираат деловни објекти, хотели... Истовремено неопходно ќе биде и освежување и доекипирање на инспекцискиот надзор, нивна поголема ажурност и навремено реагирање, што сметам дека досега не беше случај. Таа инспекција веднаш ќе добие налог да ја утврди фактичката состојба со дивоградбите, кои навидум беа санкционирани во владината акција пред две години. Дел од нив веројатно ќе бидеме принудени да ги легализираме, а пак оние што се во почетна фаза на изградба ќе се урнат, нормално истовремено инвеститорите ќе треба да ги сносат сите неопходни санкции за незаконските постапувања.



Имате ли решение за хаосот со летните тераси на улица „Македонија“ и на кејот? Сметате ли дека навистина поради совпаѓање и непрецизирање на надлежностите помеѓу Општина Центар и Градот Скопје во изминатите години пешачките зони неосновано се узурпираат?

И да постоеле навистина пропусти во регулативата, во ситуацијава тоа и' одеше во прилог на Општината, а од друга страна на кафеанџиите. Ќе инсистирам целосно ингеренциите да бидат во Општината, од издавањето дозволи до инспекцискиот надзор. Инаку, не сум против летните тераси, но неопходно е конечно да се стави ред на пешачките зони. Тие првенствено треба да се во функција на пешаците, а потоа да претставуваат зона за релаксација, забава...



Доколку граѓаните Ви ја укажат довербата, каква соработка очекувате со Владата и со скопскиот градоначалник доколку биде од ВМРО-ДПМНЕ. Очекувате ли „сопки“ или, пак, координација без оглед на партиските припадности?

Ќе излажам доколку кажам дека не очекувам сопки. Очекувам и тоа на секое поле, па макар и Владата да немала директни или индиректни ингеренции во локалната политика. Се сомневам дека и градоначалникот и Владата, доколку имаме потреба од координација за одредени проекти, ќе работат совесно, без оглед на нашите различни политички припадности. Но, не се плашам од таквите можни блокади. Одлично ги познавам правните лекови и убеден сум дека со нивно искористување ќе го решам секој оној што недозволено ќе ми застане на патот. Ова не сакам да звучи како закана, туку симболично предупредување.



Дали како градоначалник имате визија за интензивна урбанизација на централното градско подрачје, особено на плоштадот и неговата околина?

Апсолутно сум против задушување на централниот простор на Скопје и државата, воопшто. Досега поставените скулптури, а и создадените услови за изградба на грандиозниот споменик на Александар Македонски, десетици скулптури и црква на плоштадот, за мене е чист криминал и маркетиншки трик. Не сум против црква и спомен-обележја, но доколку се испочитуваат законските постапки за носење на урбанистичките планови, првенствено да се слушнат и испочитуваат желбите на граѓаните. Ова што ни се случува е вистински терор, кој, за жал, и да станам градоначалник, нема да можам да го спречам. Градежните дозволи веќе се издадени, а за законитоста на ДУП, Уставниот суд веќе се произнесе дека е донесен во согласност со регулативата.


Статијата е прочитана 179 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Скопје
Итно е потребна измена на Генералниот план
„Македонски телеком“ засади дрвца и цвеќиња во десет основни училишта
Политички притисок на „алфите“ во пет села
Нов асфалт на улицата „Б-9“
Нови жардиниери на четири булевари