Нови жардиниери на четири булевари
За 30 километри зеленило на девет булевари, ќе бидат инвестирани околу 100 милиони денари
Сања Наумовска
Градот Скопје започна со изградба на жардиниери на четири булевари со вкупна должина од шест километри. Се работи на дел од „Партизански одреди“, на потегот од раскрсницата со „Рузвелтова“ до мостот „Обединети нации“, во должина од 2,6 километри. Истовремено, жардиниери се поставуваат и на булеварот „8 Септември“, од фабриката „Алумина“ до раскрсницата со „Илинденска“, во должина од 1,1 километар, како и на „Кузман Јосифовски Питу“, од Народна банка до „Тобако 2“, во должина од еден километар. Исто толкава должина ќе се уредува средишното зеленило и на булеварот „Јане Сандански“, на потегот од „Тобако 2“ до Мајчин дом.
Според најавите на градските власти, градежните работи ќе завршат за два месеца, со што ќе биде заокружена бројката од 30 километри средишно зеленило на девет булевари. За целиот проект, кој се реализира од минатата година, се инвестирани околу 100 милиони денари. За четирите жардиниери кои моментно се градат, Градот ќе плати околу 36 милиони денари.
„Со завршувањето на овој проект сите булевари во градот, освен ’Климент Охридски’, кој треба да се проширува, ќе имаат нови модерни и урбани решенија за средишното зеленило. Иако не сум поборник за проекти кои значат ’шминка‘, сепак, морам да признаам дека уредувањето на жардиниерите на булеварите навистина му даде поубав лик на градот“, истакна градоначалникот Трифун Костовски.
Тој објасни дека градежните работи, односно поставувањето на коритата од армирано-бетонски монтажни елементи, кои се производство на фабриката „Карпош“, ќе траат два месеца, по што на сите булевари ќе бидат засадени нови садници. Ќе ги уредува „Паркови и зеленило“, ��д каде што за секој булевар изработиле посебен проект.
„Сите жардиниери ќе се наполнат со плодна земја и ќе биде поставен системот за наводнување капка по капка. Планираме да засадиме зимзелени и листопадни растенија и грмушки, во зависност од локацијата. На булеварот ’Јане Сандански’, каде што средишното зеленило е најголемо, има можности и за поголеми цветни површини, а на оваа локација планираме да има и увозни италијански борови кои се ретки кај нас“, објаснуваат од „Паркови“. |