Блер: Гордон Браун е тежок човек
Книгата со мемоари на поранешниот британски премиер, насловена како „Патувања“, предизвика големо интересирање во јавноста
Од нашиот дописник Томислав Ивановски
ЛОНДОН - Во лондонските книжарници по долго очекување, се појави книгата со мемоари на поранешниот британски премиер Тони Блер, што тој ја најави набргу по предвременото повлекување од Даунинг стрит 10, на крајот од јуни 2007 година. Книгата што носи наслов „Патување“ го опфаќа времето од 1994 година кога Блер на партиските избори беше избран за нов лидер на лабуристите, парламентарните избори три години подоцна и неговата прва од трите победи едноподруго, смртта на принцезата Дијана и односите на тогаш младиот премиер со кралицата Елизабета, мировните разговори и започнувањето на мировниот процес во Северна Ирска, па преку војните во БиХ, Косово, Авганистан и во Ирак, до борбата со меѓународниот тероризам. Појавувањето на мемоарите е проследено со огромниот публицитет во британската јавност, што најмногу се должи на деловите од книгата во кои Блер пишува за односите што тој ги имаше со својот сопартиец и близок соработник Гордон Браун и за неговите амбиции тој, а не Блер да ги предводи партијата и владата.
Поранешниот премиер за првпат ги објаснува тие односи и за првпат дава јавна оцена за Браун како политичар и како човек, во годините додека двајцата беа во владата на Велика Британија, како високи државни функционери, но и како политички противници. Во книгата Блер го критикува својот наследник на функцијата, оценувајќи како тежок човек и исто таков карактер. Тој зборува за Браун како за добар аналитичар, за надарен и брилијантно подготвен политичар, инсистирајќи дека овие негови квалитети и порано и сега ги респектира, но дека како човек за соработка е тежок во време кога се разбеснува. Тој има „нула за чувството за разумност и емоционална интелектуалност“, тврди Блер. Браун се оби��увал да го уценува во текот на заедничкото работење, дека Блер размислувал да го смени, но дека стравувал од последиците од таквото решение за партијата и за владата.
Зборувајќи во интервју за Би-Би-Си по повод појавувањето на мемоарите, Блер вели дека знаел оти Браун не ќе може да има успех како премиер, делумно и поради карактерот на поранешниот министер и до мај годинава и премиер, признавајќи дека било „речиси невозможно“ да се запре Браун да ги преземе партијата и владата, по неговата оставка од пред малку повеќе од три години. Според Блер, лабуристите можеа да победат и на мајските парламентарни избори, обезбедувајќи четврти мандат за партијата, а поразот му го припишува на решението на Браун да се напушти линијата на новите лабуристи, што инаку двајцата ја имаат создадено и да сврти влево. Поранешниот премиер уште признава дека кога сега би бил на чело на владата, не би се донел некои решенија што беа донесени во негово време, како што се забраната на ловот на лисици што го сега го смета за грешка, или одлуката за слободен пристап до податоците затоа што тоа „не е практично за доброто управување“ со владата и со земјата.
Освен за тешките односи со преамбициозниот министер, во овдешната јавност се очекуваше да се види што пишува поранешниот премиер за ирачката воена интервенција, за која многумина сметаат дека придонесе да се забрза неговиот политички пад, а целото негово политичко наследство, покрај мирот во Северна Ирска, британскиот економски и општествен просперитет и трите изборни победи, што не му успеало на ниту еден лабуристички политичар, да се мери и да се оценува само преку војната во Ирак. Но, првиот впечаток е дека тој не открива ништо повеќе од деталите што, главно, и' се познати на јавноста, задржувајќи се најмногу на дипломатската битка во ООН за нова резолуција против тогашниот режим на Садам Хусеин. Блер, сепак, во книгата изразува жалење за британските жртви, како и за жалоста што им е нанесена на нивните семејства поради тоа. Но, и во оваа пригода тој инсистира дека оставањето на власт на Хусеин носи поголем ризик за британската безбедност отколку неговото соборување. Блер верува дека тргањето на поранешниот багдадски режим е исправно донесено решение и дека сите сегашни сознанија укажуваат на тоа дека нема грешка во одлуката за интервенцијата во март 2003 година.
Книгата „Патување“ требаше да се појави во изминатата пролет, но Блер во договор со издавачот побара нејзиниот појавување да се помести за почетокот на септември за да не се совпадне со предизборната кампања во текот на април и за да не влијае врз кампањата и врз текот на изборите. Тој пред крајот се вклучи во предизборната кампања настојувајќи да им помогне на лабуристите и на Браун да победат, а некои лондонски весници открија дека доскорешниот премиер му се јавил пред своето заминување од Даунинг стрит 10 за да му се извини за поранешните расправии и честите лоши односи. Извори од партијата открија тогаш дека Браун настојувал пред поднесувањето оставка „прилично да ги затопли“ односите со Блер. Реакцијата на медиумите во Лондон е дека најважно од се' во книгата со мемоари е откритието оти нивните односи биле и полоши отколку што се пишуваше и се зборуваше за тоа, иако за одржувањето на кавгите на т.н. браунисти и блеристи своја одговорност имаат и весниците и телевизиските станици, постојано распалуваќи ги судирањата и недоразбирањата меѓу првите двајца во владејачката партија и нивните поддржувачи и сојузници. Таа се одржува и сега за време на изборите за нов лабуристички лидер кога петтемина кандидати и нивните внатрепартиски поддржувачи се распределуваат според поранешната шема за тоа дали се поблиску или подалеку од Блер и од Браун.
Поранешниот британски премиер не присуствуваше на промоцијата на својата книга „Патување“ затоа што се наоѓа во Вашингтон. Во улога на специјален пратеник на меѓународната четворка за Блискиот Исток, Блер се сретна со американскиот државен секретар Хилари Клинтон, а присуствуваше и на свечената вечера што ја приреди американскиот претседател Барак Обама по повод започнувањето на директните израелско-палестински преговори. |