Потребни ли и' се минариња на Австрија?
Христијани, муслимани, Евреи... сите сакаат јавно да ја практикуваат сопствената вероисповед. Во демократските држави имаат право на тоа. Но, кога станува збор за високи минариња, секогаш одново се отвора истата дебата.
По Германија, Швајцарија и Њујорк, дебата околу градењето џамија се разгоре и во Австрија. Во оваа земја живеат половина милион муслимани, кои, по католиците, се најголема верска заедница. На располагање имаат двесте објекти за молитви и четири џамии со минаре - во Виена, Тирол, Салцбург и во Долна Австрија.
Меѓутоа, муслиманската верска заедница во Австрија би сакала повеќе.
„Пожелно би било во секоја австриска сојузна покраина да постои по една препознатлива џамија. Можеби не утре или ден потоа, меѓутоа еден ден сигурно“, вели претседателот на муслиманската верска заедница, Анас Шакекфех.
Неговата желба предизвика бурни реакции, пред се', од Сојузот за иднината на Австрија и Слободарската партија на Австрија. Прв за збор се јави шефот на Слободарската партија, Хајнц Кристијан Шрахе:
„Просториите за молитва се в ред, меѓутоа не и повеќенаменските обје��ти. На Австрија не и' се потребни минариња. Тие се симбол на победата, но не се безусловно и симбол на верата“, рече Штрахе.
Шефот на Слободарска партија на Австрија е најостар критичар на исламот во Австрија. Фактот што токму сега минарињата се тема број еден во Австрија му оди во прилог, бидејќи предизборната кампања за градоначалник на Виена е во полн ек. Целиот град е излепен со плакати со неговиот лик и натписот: „Повеќе храброст за виенската крв - премногу странско никому не му годи“.
За партијата на Штрахе, џамиите претставуваат расадник на радикалниот исламизам. На критиките од страна на исламската верска заедница дека партијата шири омраза во Австрија, генералниот секретар Харалд Вилимски одговара:
„Сакам да ја одржам Австрија онаква каква што е. Не сакам ниту екстремизам ниту арабизација“.
Граѓаните на Австрија, пак, се поделени околу исламското прашање. Ова се мислењата на кои се наидува на виенските улици.
„Тоа е прашање на толеранција, дали сакате да одите преку своите граници или не“.
„Па, не морам на улица да гледам слика што не е австриска“.
„Мислам дека е можно да се живее заедно со муслиманите. Не е добро некој да чувствува страв овде“.
Теолозите велат дека минарињата не мора да бидат неизоставен дел од џамијата. Дали тогаш станува збор за симбол на политичка моќ или вера? Ова прашање ќе ги ги окупира граѓаните на Австрија уште извесно време. Барем до изборот на новиот виенски градоначалник... (Дојче веле) |