Путин не се плаши за сопствениот рејтинг
Од нашиот дописник Бранко Влаховиќ
МОСКВА - Рускиот премиер Владимир Путин не е загрижен за падот на својот рејтинг, туку како што вели многу повеќе се грижи за решавање на животно важните прашања, а не за својата популарност. Првпат Путин отворено кажа дека со Медведев се договориле на новинарските прашања околу идните избори да одговараат исто, но во различни варијанти.
„Ако се погледнат нашите одговори на прашањата за претседателските избори, се гледа дека суштината е иста, бидејќи така се договоривме. Веќе објаснивме и рековме дека кога ќе дојде време, тогаш ќе кажеме како ќе постапиме и кој ќе биде кандидат за претседател“, изјави Путин во интервјуто за „Комсомолска правда“. За време на повеќедневната турнеја по рускиот Далечен Исток, премиерот Владимир Путин по престојот меѓу китовите и мечките успеа да разговара и со домашните новинари за време на одморот од возењето со „ладата“ на патот Хабаровск - Чита.
Путин изјави за весникот „Комерсант“, меѓу другото, дека особено не го интересираат митинзите на опозицијата на триумфалниот плоштад во Москва, бидејќи со дозволи и забрани се занимаваат градските власти. Целта на тие митинзи, според Путин, е провоцирање на власта и непочитување на законите. „Оние што демонстрираат без дозвола нека добијат пендрек по грбот“, порача Путин.
Рускиот премиер тврди дека не знаел за другото судење на милијардерот Михаил Ходорковски, поранешниот сопственик на нафтената компанија „Јукос“. Путин вели дека бил зачуден кога дознал за почетокот на вториот процес против олигархот. „Но, ако се одвива таков судски процес, тоа значи дека тој е потребен. Не се занимавам со тоа“, категоричен е Путин.
Многу московски политиколози му веруваат на Путин дека тој искрено зборува дека не е упатен во митинзите на опозицијата, како и судењето на Ходорковски, бидејќи во текот на денот на работната маса има огромен број документи кои треба да ги прочита. Во интервјуто за „Комсомолска правда“, Путин рече дека борбата против корупцијата би требало да биде поефикасна иако и сега многумина апсат. Зборувајќи за белорускиот претседател, Путин посочи дека е рамнодушен на критиката на Лукашенко. Очигледно е дека премиерот не сака да влегува во полемика со Лукашенко, кој јавно кажа дека постои судир меѓу него и рускиот премиер.
Што се однесува до односите со САД, Путин нагласи дека „сака да верува“ оти до тоа обновување на односите навистина ќе дојде. Тој објасни дека ја забележува добрата желба на претседателот Обама, но дека истовремено САД и понатаму ја вооружуваат Грузија, што е против Русија.
Се договоривме дека во Полска, САД нема да постават ракети-пресретнувачи, како ниту радар во Чешка. И потоа објавуваат дека ќе постават ракети и во други европски земји. |