ИКОМОС го одбележа Денот на светското наследство
Годинава 18 април е одбележан со форум на тема „Земјоделско наследство“
По повод 18 април – Меѓународниот ден за споменици и места, наречен „Ден на светското наследство“, членовите на Македонскиот национален комитет на ИКОМОС, изминатиот викенд во манастирот „Св. Јоаким Осоговски“ одржаа форум на тема „Земјоделско наследство“, а ги посетија и Лесновскиот манастир и археолошкиот локалитет „Баргала“.
Изборот на темата „Земјоделско наследство“ е дел од меѓународните напори за оценување на вредностите на овој вид наследство кои произлегуваат од легитимните социјални и научни потреби за заштита на сите значајни својства на природното и културното наследство, генерирани од аграрната активност во текот на историјата (куќи од земја, овоштарници, воденици, валавници, наводнување канали, бунари,...).
За тоа што е земјоделско наследство на форумот говореше конзерватор советникот Јован Ристов, за овој вид наследство во Македонија, вишиот конзерватор Кира Петковска, додека вишиот конзерватор Гордан Николов се осврна на традиционалното наследство како меморија од минатото и пасворд за иднината. Конзерваторот советник Лазар Шуманов, ги запозна присутните со состојбата со валавницата во реката Пена во близина на Тетово, а Александар Рангелов со ревитализација на валавницата во Дурачка река.
Денот на светското наследство се одбележува од 1982 година, а од 2001 година и со одржување на стручни собири на следните теми: „Да ги спасиме нашите села“, „Наследството на 20 век“, „Подводно културно наследство“, „Земјаната архитектура и наследството“, „40 годишнина на ИКОМОС“, „Индустриско наследство“, „Културен предел и споменици на природата“, „Религиозно наследство и свети места“ и „Наследството и науката“. Неговото одбележување нуди можности за подигање на јавната свест и за грижа околу културниот диверзитет на наследството. (К.Б.) |