„Илустрираната Библија“ - најскапа книга на Саемот
На саемската манифестација ова издание беше претставено само за промотивни цели, а чини 2.250 евра
Невена Поповска
Издавачката куќа „Младинска книга“ - Скопје на Меѓународниот саем на книгата се претстави со еден ексклузивитет во издавачкиот свет – „Илустрираната Библија“ на хрватски јазик. Станува збор за рачно изработено ремек-дело, во тираж од само 1.500 примероци на хрватски јазик и само 1.000 примероци на словенечки јазик. Книгата има двојна кожена подврска и целосно рачно е изработена во дури три работилници во Германија. Подврската е златна, а има и гравура со уникатен орнамент. Книгата има повеќе од 300 позлатени илустрации. На саемската манифестација ова единствено издание беше претставено само за промотивни цели, а чини околу 2.250 евра.
Покрај ова издание „Младинска книга“ - Скопје се претстави и со својата програма на врвни енциклопедиски изданија од светски ранг преведени на македонски јазик, но истовремено и со изданија на српски и на хрватски јазик од истата издавачка група.
Купувачите можеа да уживаат во нивниот последен голем проект „Историја“, а беше понудена и можност да ја нарачаат книгата „Океан“ што ќе може да се купи во претплата.
И годинава пред читателите беше поставено изобилство од преведени романи, претежно од англиското говорно подрачје. Издавачите и' се посветија на преведената литература, што се потврди како најпрофитабилна, па на штандовите беа застапени нови бестселери. Зад тие дела, со помала застапеност, се прозните дела од домашните автори, по што следуваа детската литература, поезијата, монографиите, стручни дела, речници, географски карти, сликовници, па дури и споменари, пенкала и гуми.
Заедничко за сите изложувачи годинава беа големите попустите од 10 до 70 проценти. Само за илустрација, на штандот на „Матица македонска“ просечната цена на преведената и на домашната белетристика е околу 200 денари, а хит беше романот „Јади, моли се, уживај“ од Елизабет Гилберт, според кој, веќе е снимен и истоимен филм со Џулија Робертс во главната улога.
„Девојката со тетоважа змеј“ од Стиг Ларсон, „Подемот и падот на Паркинсоновата болест“ од Светислав Басара беа фаворитите на штандот на „Три“. Новите наслови кај нив се продаваа за 300 денари.
„Тешка ноќ“, антологија на македонски фантастични раскази, во редакција на Лидија Капушевска, „Античките градови на Брегалница“, двојазична монографија од Иван Микулчиќ, „Бегалка“ од Марсел Пруст, „Орландо“ од Вирџинија Вулф итн. се само мал дел од списокот на наслови што ги нудеше „Магор“, на чиј штанд делата од македонските автори се продаваа за 100 денари. „Делата од домашните автори се по многу намалени цени, но не зашто помалку вредат, туку зашто сакаме домашното творештво да го направиме подостапно. Сакаме читателите навистина да видат дека кај нас се пишуваат интересни и добри дела, што вредат да бидат прочитани. Објавувањето на дел од тие книги го помага и Министерството за култура, па сосема е коректно тие да бидат со намалени цени“, вели Павлина Лазаревска од „Магор“.
На штандот на „Феникс“ најбаран бил романот „Животни во срцето“ од актуелната добитничка на Нобеловата награда, германската писателка Херта Милер. Во овој роман, кој е, всушност, потресно сведоштво и документ за режимот на Чаушеску во Романија, станува збор за мошне сликовити и доживеани описи на неиздржливиот живот во селата и во градовите каде што жителите се под постојано набљудување и тортура. Секој нивен обид за бегство надвор од земјата завршува трагично, а прва на таа црна листа од судб��ни што завршува со смрт е студентката Лола. Во ова несекојдневно потресно дело постојано се испреплетуваат неслободата, проституцијата и бедата, при што лесно се воочуваат и автобиографските елементи од животот на авторот - нобеловката Херта Милер. |