Нов рекорд на Никита Михалков
Вториот дел од „Лажливо сонце“, со наслов „Очекување“, е најскап руски филм што ќе биде прикажан во конкуренција на Канскиот фестивал
Од нашиот дописник Бранко Влаховиќ
МОСКВА - Во многу градови во Русија во саботата навечер беше одржана долгоочекуваната премиера на новиот филм, второто продолжение на „Лажливо сонце“ под наслов „Очекување“ на познатиот актер и режисер Никита Михалков (65). „Утрински весник“ присуствуваше на главната премиера во Кремљ, каде што присуствуваа многу руски министри и други политичари. Интересот за премиерата беше многу голем, бидејќи Михалков го снимаше филмот осум години. Потрошен е рекорден буџет, а се очекува дека ќе биде надминат рекордот во однос на заработката.
Промоцијата беше направена амбициозно „михалковски“ без желба да се заштеди. Целта беше премиерата да се памети и за неа подоцна долго да се зборува. Затоа најголемата концертна сала во Русија „Кремељска конгресна палата“, со пет илјади места, беше премала да ги прими сите оние што сакаа да бидат меѓу првите што го гледале филмот. Од Италија беше донесен специјален екран со должина од 30 метри. На никој од гостите не му пречеше што мора да поминат строга контрола низ која вообичаено минуваат сите оние што влегуваат во Кремљ. Девојки и момчиња облечени во стари војнички униформи ги дочекуваа гостите и им нудеа помош.
Што се однесува до филмскиот еснаф, како што се очекуваше, во салата беа само оние режисери и актери што се на страната на Михалков во „војната на филмаџиите“ во Русија што трае последниве години. Во пресрет на премиерното прикажување на филмот Никита Михалков рече дека сака по завршувањето на филмот да се замислиме дека во животот постојат големи проблеми и дека често сме преокупирани со мали и во суштина неважни проблеми. Шеесет и петгодишнината од Денот на победата, што ќе се слави на 9 мај, Михалков го искористи како повод да им се заблагодари на сите ветерани кои учествуваа во големата војна.
Во првиот дел од филмот „Лажливо сонце“ се зборува за периодот на сталиновите чистки, кога страдаше и генерал Котов, кого одлично го играше режисерот и актерот Никита Михалков. Во продолжението грижата за неговото семејство ја презема полковникот на НКВД, Митја Арсентиев, кого го игра Олег Мењшиков. Во вториот дел наречен „Очекување“ и во третиот дел од филмот „Тврдина“ се зборува за судбината на генерал Котов и неговото семејство кое добило тешка етикета „народен непријател“. Ќерката Надја како пионерка почнува јавно да зборува дека нејзиното вистинско име е Котов, а не Арсентиев. Почнува војна и поранешниот генерал Котов повторно е во првите ровови заедно со „казнениот баталјон“ и голобрадите необучени војници, питомците на Кремљскиот полк. Секако, Михалков паралелно се посветува на две теми: судбината на оние кои режимот на Сталин ги прогласи за „народни непријатели“ како и со гревовите на мустаклијата „Хозјанин“ бидејќи советската војска не беше подготвена за војна со Хитлер. Таа тема е многу важна особено сега кога во Русија се води голема полемика околу улогата на Јосиф Сталин, како и за прашањето дали на 9 мај на улиците треба да има негови слики или не. Во филмот се ангажирани одлични руски актери Олег Меншиков, Дмитриј Ѓужев, Наталија Михалкова, Валериј Золотухин и други.
Впечатокот што се добива е дека Никита Михалков презел голем ризик кога решил филмот да трае три часа, бидејќи не е лесно седејќи неподвижно да се издржи тоа време. Неспорно е дека Михалков е голем актер и режисер, но сепак филмот е растегнат и дека можел да биде пократок. „Секако дека в��ков филм на Михалков ќе предизвика многу полемики“, рече после премиерата директорот на „Мосфилм“, Карен Шахназаров. На некои уште сега им пречи што филмот е најавен како „голем филм за големата војна“. Критичарите сметаат дека треба да се почека филмската публика да го оцени филмот како голем. Некои сцени како да се позајмени од стриповите за „Мирко и Славко“. Така, Котов успева во филмот со помош на едно дрво да го ослободи заглавениот другар во ровот под тенк. Од серијата „Верувале или не“, е сцената кога по бродолом во вода Надја Михалкова и ранет борец кој инаку е поп, а го игра познатиот актер Сергеј Гармаш, се држат за голема мина. Попот во морето држејќи се за противбродска мина ја крсти од дотогашната пионерка и болничарка, исплашената Надја.
Филмот веќе е наречен најскап во историјата на руската кинематографија. За него се потрошени околу 42 милиона долари и во руските кина ќе почне да се прикажува на 22 април. За да се исплати филмот би требало да оствари заработка во кино салите од 80 до 85 милиони долари. Од таа сума половина ќе остане за киносалите, а другиот дел ќе ги покрие трошоците за филмот. Досега ниту еден домашен филм во Русија не донел толку пари од кино салите. Рекордот го држи филмот „Иронија на љубовта“, кој во 2007 година, им донесе на кинематографите речиси 50 милиони долари. Најновиот филм на Никита Михалков веќе е вклучен во конкуренција за претстојниот Филмски фестивал во Кан. Во 1994 година, „Лажливо сонце“ ја доби наградата на Канскиот фестивал, а, исто така, и „Оскар“ за најдобар странски филм. Третото продолжение на филмот „Тврдина“ би требало да биде готово кон крајот на есента или почетокот на зимата. Од тој материјал Михалков ќе направи 15 телевизиски серии. |