Мислења
Заладување на односите меѓу Исток и Запад
Филип Петровски
Со еден релативно мал воен потег Русија ги врати на голема врата сите свои намери да биде признаена како суперсила
Не се надевав, да бидам искрен, дека само по една недела од последното мислење, повторно ќе се навратам на грузискиот конфликт и новите перспективи во меѓународните односи. Меѓутоа, според развојот на настаните, заклучив дека може да се направи уште една анализа на новите елементи. Сметам дека последиците кои, исто така, можат да се насетат, се значајни и далекусежно ќе влијаат на релациите меѓу Истокот и Западот. Во исто време, значајно е и за македонските прилики будно да се следи развојот на настаните за да би можеле и ние да имаме релевантен одговор во рамките на нашата државна политика. Звучи можеби оптимистички, но јас навистина сметам дека ние како држава треба да имаме релевантни, проверени и широко дебатирани позиции кога се во прашање нашите интереси.
Неочекувано бргу Русија ги призна Јужна Осетија и Абхазија. Со тоа конфликтот и неговите перспективи експресно бргу ги искачи на повисоко ниво. Односно, игрите ги префрли на полето на политиката. Години наназад на ова поле Русија играше дефанзивно, несигурно и не премногу гласно. Сето тоа, како стил што го познаваа западњаците и на кој се навикнаа, од последната недела, преку признавањето на двете републики, радикално се напушта во корист на нова политика... Се сеќавам на Харвард, 1999 година, при еден неврзан муабет со еден од советниците на Клинтон за црноморската флота на Русија, тој се изјасни како за старо железо. А знаеме дека истата таа флота е една од главните причини за членството на Турција во НАТО.
Долго време никој не беше спомнал ништо за оваа флота. Тоа сега се промени. Потценуваната флота сега се спомнува како закана. Токму на оваа точка во конфликтот се вмеша Украина, која прогласи ограничување на движењето на црноморската флота, односно дека Русија ќе мора да побара специјална дозвола при впловувањето во Севастопол. Интересно. Доколку навистина работите се такви како во деведесеттите, можеби и ќе беше возможно да се ограничи движењето на бродовите. Можеби и Русија воопшто немаше да ризикува да влезе во непријателство со НАТО, ЕУ, Г-8 и други. Но, тоа сега не е случај. Напротив, на акцијата на Украина се одговори со известување дека командант на црноморската флота е претседателот на Руската Федерација и дека за него не важат украинските закони. Ја разбирам Украина и нивната активност. Тие се граничат со овој џин и бараат спас. Сакаат да го обезбедат, заштитат својот демократски развој. Тоа сигурно им го имаат истакнато на НАТО-сојузниците. Убеден сум и дека имаат добиено одредени гаранции за да бидат поолабавени при кон��ронтирањето со Русија. Ама убеден сум дека и Грузија ги имала тие гаранции, па сега веќе не е унитарна држава, туку е распарчена на неколку делови, со слаби изгледи да ги врати работите наназад.
Ова покажува дека треба многу внимателно да се игра оваа партија шах. Посебно, ако е во игра сопствена територија. Има уште неколку елементи кои покажуваат со сигурност дека Русите прават потези кои внимателно ги испланирале. Сигурно знаеле дека Запад ќе одговори со притисок на признавањето. Веќе пишував дека интервенцијата извонредно елоквентно, од позиција на руски интерес, ја правдаше Горбачов. Тој беше на некој начин претходница на супер-тешката категорија. Тој беше, како што сега може да се види, само една фаза на добро промислена стратегија. Сега работите ги презеде во свои раце Медведев. Ако Горбачов беше некаква поблага варијанта на одговор која може, по потреба, да се отфрли или заобиколи, оваа недела работите влегуваат во многу посериозна фаза.
Рускиот претседател јасно и гласно порача дека Русија не стравува од ништо. Дури и од нова студена војна. Досега кованицата „студена војна“ ја користеа аналитичари или дипломати и политичари од понизок ранг. Со неа сакаа да потсетат на претходната студена војна, но и срамежливо да предвидат или заплашат дека е можна нова фаза. Почетокот не беше формален, ниту пак сигурен. Постоеше шанса да се избегне заострување на односите со самото завршување на конфликтот и негово таканаречено замрзнување на одреден период. Се чинеше дека на тој начин односите Исток – Запад имаа шанса да се стабилизираат. Можеби тоа ќе и' одговараше и на Москва. Покажа заби, покажа нова сила, нова концепција и тоа е доста. Да, сето тоа можеше да остане на тоа ниво до признавањето. Сега е поинаку.
Одбивањето на заканите директно од Медведев значи дека силата е измерена и Москва знае кој прераспоред на светската моќ сака да го постигне. Истовремено, се оди чекор понапред, па Русија најави и прекинување на соработката во некои области со НАТО и што е позначајно се одложува посетата на Шефер, како и учеството на руски војници на вежбите на Алијансата. И Путин го игра својот дел од сценариото за големото враќање на руската моќ, па јавно се изјасни против членство во Светската трговска организација, со изјава дека не гледа никакви предности од евентуалното членство. Францускиот министер за надворешни работи, Кушнер, по повод најновите настани, во име на ЕУ изјави дека санкциите како опција се на маса.
Притоа, тој нагласи дека зборува во име на 27 држави. Информацијата е пошироко позната. Малку е познато дека истовремено Русија за своите активности доби поддршка од Кина, Казахстан, Киргистан, Таџикистан и Узбекистан. Ова се држави од таканаречената Група за соработка од Шангај. Таа е основана во 2001 година со намера да се балансира влијанието на НАТО во централноазискиот регион. Релативно непозната на овие простори, очекувам организацијата да добие на значење од едноставна причина што преку неа за своите активности Русија доби поддршка од Кина. Можеби другите држави немаат некоја сигнификантност во светските работи, но Кина е друга приказна. Каков било блок на Русија и Кина може лесно да ги фрли во вода сите притисоци, закани или што сметам за нерационално – санкции.
Полека се открива дека конфликтот во Грузија, демонстрацијата на воена моќ, како и признавањето на независноста на двете отцепени републики, всушност, е дел од една поширока стратегија и план. Со еден релативно мал воен потег Русија ги врати на голема врата сите свои намери да биде признаена како супер-сила. Остануваат да се анализираат дополнително и други делови на оваа стратегија како, на пример, енергетската надмоќ, но за тоа во некоја друга прилика.
Во оваа прилика уште да спомнам дека и Македонија беше спомната дека и' продавала оружје на Грузија. Министерството за одбрана ова веднаш го демантира и јас немам причина да не верувам во тоа. Сепак, треба да се стави до знаење дека нашата држава треба внимателно да проценува во иднина како ќе се постави спрема вакви прашања. Не би било симпатично да се инволвираме во вакви конфликти со некаква трговија на оружје (сетете се на случајот со Ел Масри). Исто така, со интересирање очекувам да видам како ќе одговориме на отвореното барање да се признаат Осетија и Абхазија. Такво барање имаме и за признавање на Косово. Деновиве слушнав дека сме требале да си стоиме настрана од овие барања. Некаква пасивност била најдобра за нас. Ништо чудно, секогаш сме советувани да чека��е. В ред. Можеби е тоа добро размислување. Ако е возможно секогаш да стоиме настрана од се' – но што ако тоа не е можно. Притисокот на блоковите за признавањата ќе расте. Редно е да се направи стратегија за некаков бенефит од евентуалните признавања. Така постојано прават нашите соседи. Малку таму, малку ваму, со сите добри, а во интерес на сопствената држава.
(Авторот е магистер по меѓународна политика)
http://filippetrovski.blog.com.mk |