Поглед
Трагедија на Богородица
Даниела Трпчевска
Успение на Пресвета Богородица е еден од најголемите христијански празници. Верниците го празнуваат денот кога Богородица преминала од земскиот во небесниот свет, собирајќи се во христијанските храмови, палејќи свеќи и молејќи се за здравје и среќа. Денот завршува со ручек и собир во црковните дворови.
Два пати во изминативе 12 години празнувањето на Голема Богородица завршува со трагедија. Слично како во преданијата, кои говорат дека силни грмотевици го најавиле заминувањето на Богородица на небото, така силни грмотевици во 1996 година прославата во Берово ја претворија во кошмар. Гром од ведро небо удри тогаш во гостите и бакарните казани послани на ледината на „Света Богородица“ во Берово. Деветмина загинаа, многумина беа повредени. И по толку години жителите се' уште веруваат дека поместувањето на празникот од посен во мрсен ден ја предизвикало божјата лутина и казна.
Дванаесет години подоцна пак се случи стравотна несреќа на Голема Богородица. Четири лица загинаа откако авион „цесна“ се урна кај охридското село Лесноец. На неколкуте илјади посетители пред очите ќе им останат врежани сликите на авионот кој, фрлајќи летоци, одеднаш како камен се струполил пред нивните нозе.
Двете стравотни трагедии го обележаа празникот и го обвиткаа со суеверие. Додека некои го толкуваат како курбан кој секоја година го зема празникот, за други станува збор само за коинциденција и ништо повеќе. Оние што веруваат во чудата на Богородица се уверени дека таа таа спречила да се случи уште поголема трагедија. И со право, бидејќи доколку авионот паднел само половина час подоцна, ќе се случела огромна трагедија на ледината каде што 3.000 гости чекале да се подели празничниот ручек.
|