Кобното брзо свртување на „цесната“
Сопругата на Ѓорѓи Ристевски не полетала со цесната бидејќи немала лична карта
Симон Илиевски Даниела Трпчевска
ОХРИД - По авионската несреќа кај Скребатно, во близина на Охрид, што се случи во саботата напладне, вчера специјална комисија формирана од Владата ја започна истрагата и најави дека резултатите за падот на авионот официјално ќе ги објави за неколку дена.
При падот на „цесната“ животите ги загубија пилотот Славчо Георгиев и патниците Ѓорѓи Ристевски, Јонче Савевски и Гоце Тасевски од Охрид. Во комплексот на манастирот „Св. Богородица“ кај Скребатно вчера паралелно со увидот се средуваше просторот каде што на ручекот во четвртокот имаше околу 5.000 луѓе.
Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, формира Комисија за испитување несреќи и сериозни инциденти во водухопловството. Првичните индиции за можните причини за несреќата укажуваат на тоа дека пред падот на авионот, не биле забележани физички оштетувања, чад или пламен, ниту аномалии на авионот. Ниту, пак, звукот на моторот укажувал дека нешто не е в ред со леталото. Според Агенцијата за цивилно воздухопловство, авионот пред несреќата летал до 50 метри над земја, иако од Контролата му е одобрено изведување лет во висина од 1.000 фити, односно 300 метри над терен, што всушност било одобрено на лично барање на пилотот Георгиев.
Во меѓувреме, надлежните земале изјава од шефот на смена во Контролата на летање во Скопје, од контролорот на летање кој работел за време на несреќата, а е добиена и изјава од контролор на летање кој случајно се нашол на местото на несреќата. Ќе се преслушуваат и лентите на фреквенцијата за работа во Контролата на летањево Охрид, а е обезбедена и документација за дневните летачки активности на „Скопје ер“, како и документација за одржување на леталото.
Како што дознаваме, авионот од Скопје тргнал со еден патник - ученик на Пилотската академија, кого пилотот го истоварил во Охрид, каде што зел тројца други патници со цел да фрлаат летоци со кои им посакувале среќен празник на верниците собрани пред црквата.
Според првичните сознанија, првиот обид на авионот да ги фрли летоците бил неуспешен, затоа што тие завршиле во околната шума. Потоа авионот почнал да лета пониско со цел да ги пушти летоците.
Првичните сознанија на воздухопловните инспектори укажуваат дека немало никакви знаци дека откажал моторот на авионот, ниту чад, ниту, пак, се слушале некакви звуци кои би посочиле дека авионот е неисправен. Според изјави на очевидци, чудно било тоа што авионот летал на височина од 40 до 50 метри, но имал правилен лет. Одеднаш авионот направил свртување и пред да се спушти почнал да ги испушта летоците. Токму тогаш се случила кобната несреќа.
„Цесната“ при нискиот лет прво удрила во п��ркирано „фиќо“ во кое спиело дете кое било извадено без никакви повреди. Авионот е урнат само на 20-ина метри од просторот каде што по повод празникот традиционално на илјадници граѓани им се дели бесплатен ручек, со што е избегната уште поголема катастрофа. При паѓањето, за среќа, авионот не удрил во жиците од далноводот со кој локалитетот се снабдува со електрична енергија.
Авионот од типот „цесна“ со ознака Z3 DCV, сопственост на приватната Пилотска академија, бил воден од Контролата на летање на охридскиот аеродром. По полетувањето од аеродромот, тој прво надлетал дел од Охрид и планината Галичица, па потоа во низок лет на местото до црквата испуштал летоци. На местото на несреќата први напомош дошле неколкумина граѓани, а потоа активисти на Црвен крст.
„Нашиот шатор се наоѓаше десетина метри од местото каде што се урна авионот. Не слушнавме брчење на мотор, туку само тап и силен удар што не' исплаши. Сите истрчавме надвор и видовме дека паднал авион и удрил во ’фиќото‘ до нас. Многу луѓе притрчаа и прво го поместија крилото на авионот за да видат дали внатре има преживеани, а потоа и во ’фиќото‘. Некој свика дека во ’фиќото‘ има дете кое брзо беше извадено.Во авионот можеше да се види дека никој од патниците не покажува знаци на живот“, вели очевидец.
Слични сведоштва имаа и неколкумина кои рекоа дека авионот го виделе како се доближува кон ливадата. „Некако чудно леташе ниско и во еден момент ми се причини дека не му работи моторот и за неколку секунди се урна“, вели Илија.
По падот на авионот очевидци велат дека почнало да тече керозин и се чувствувала силна миризба. Некој од граѓаните со помош на активистите на Црвен крст ги растерал присутните и со мал противпожарен апарат од својот автомобил го испрскал местото на истекувањето, со што ја спречил можноста да се запали керозинот.
„Се подготвувавме да го делиме ручекот во моментот кога го слушнавме падот. Луѓето се вознемирија, но за среќа не настана општа паника“, раскажува Танас Лупески од Црковниот одбор.
Од семејствата на тројцата загинати охриѓани не сакаа да зборуваат за трагедијата. Нивни блиски велат дека Ѓорѓи Ристевски со себе сакал да ја земе сопругата Милка, но таа не можела да ја најде личната карта, па затоа го зел Гоце Тасевски, кој работел како келнер во хотелот „Ловец“. Судбината сакала Ѓорѓи Ристевски по повеќе од две години од смртта на својот млад син Илче, кој загина паѓајќи од мотор во близина на нивната семејна куќа, да го изгуби и сопствениот живот. Гоце Тасевски бил неженет, а Јонче Савевски бил оженет, сопругата е бремена, но, за жал, не дочека да го види новороденчето.
Во Охрид вчера беа погребани загинатите охриѓани Ѓорѓи Ристевски и Гоце Тасевски, а за денеска е закажан погребот на Јонче Савевски. Според неофицијални информации, тројцата охриѓани загинале како последица на падот на авионот, а за причините за смртта на пилотот Славчо Георгиев треба да покажат резултатите од обдукцијата.
„Цесната“ што се урна завчера во близина на Охрид е единственото летало со кое располагала Пилотската академија „Скопје ер“, чиј сопственик беше Славчо Георгиев. Како што објаснуваат од Академијата, во план била набавка на уште една „цесна“, со која ќе се обучуваат младите пилоти. Академијата досега има обучено 18 пилоти.Одобрението за работа на Пилотската академија и' беше издадено во 2007 година, а секоја година им се продолжува сертификатот за работа. „Цесната“ што се урна кај Охрид била набавена во 2006 година. Станува збор за половен авион, набавен од Белгија, на кој пред еден месец му бил заменет моторот со нов во Смедерово. Пилотот Славчо Георгиев бил искусен пилот и имал остварено околу 350 часа летање.
„Досега не сме имале технички проблеми со авионот. Моторот на ’цесната‘ се менува по остварени илјада часа лет, што ние навремено го направивме. Авионот на 2 август беше земен од сервисот каде што му го сменија моторот“, вели Кирил Каевски, раководител на обука во „Скопје ер“. „Цесната“ била користена и за панорамски летови над Скопје и над Охрид. Летовите над Скопје се наплаќаат 130 евра за еден час, додека летот до Охрид чини 100 евра во еден правец. |