Граѓаните денеска ќе знаат колку ќе поскапи парното
Регулаторите вчера не сакаа да коментираат за наводното поскапување од 60 отсто
Денеска ќе биде познато дали и за колку проценти ќе се зголеми цената на парното греење, што ќе почне да важи од 1 август. Од Регулаторната комисија за енергетика, која денеска треба да донесе конечна одлука за коригирање на цената, вчера не сакаа да ги коментираат шпекулациите за наводното поскапување на парното за рекордни 60 отсто. За пресметките не сакаа да коментираат ниту во „Топлификација“. И едните и другите категорично одбиваат да калкулираат со точен процент на поскапување, се' додека не бидат завршени сите пресметки и не се донесе конечна одлука.
„Токму на подготвителната седница треба да се разгледаат сите аспекти кои влијаат на цената и од тие причини не сакаме воопшто да калкулираме со бројки. Едно е сигурно, новата цена ќе почне да се пресметува веќе од наредниот месец, односно граѓаните ’подебелите‘ сметки ќе ги добијат во септември“, рекоа вчера регулаторите.
Тие посочуваат дека корекциите на цената на парното ќе зависат од зголемените трошоци на „Топлификација“, со оглед на енормното поскапување на мазутот и гасот кои се основни суровини за производство на топлинска енергија, а кои учествуваат со 60 проценти во вкупните расходи на „Топлификација“.
Во голем процент, посочуваат од РКЕ, новата цена на парното ќе зависи и од одлуката на Уставниот суд, со која се укина ретроактивното важење на поскапувањето од 17,56 отсто, што беше усвоено пред речиси половина година, бидејќи сега ќе треба во поскапувањето да биде вкалкулиран и процентот што незаконски бил наплатен од граѓаните. (Дс.Т.)
|