Светлана Црнокрак
Ја остваривме желбата на Мони
Познатото семејство Црнокрак со радост го чека новиот член во семејството. Цеце е во шестиот месец од бременоста
Катерина Шекеровска
Дванаесет години по раѓањето на ќеркичката Моника, се одлучивте за принова. Кој беше најупорен во желбата за проширување на семејството?
„Желбат�� беше на сите тројца, иако најупорна во тоа беше Моника, но некако мислевме дека се' уште е рано, има време, се' додека не сфативме колку брзо си летнало времето и дека навистина веќе е момент да и' подариме едно братче или сестричка на Мони“.
Голем дел од жените се плашат кога ќе се спомне бременоста ако се имаат предвид промените што ги доживува телото во тој период. Колку Цеце е подготвена за овој предизвик и како ги поднесува првите шест месеци од бременоста?
„Благодарение на моето претходно искуство, не ни размислувам на тоа. Точно е тоа дека во бременоста настануваат многу промени кај жената воопшто. За кратко време се вратив во нормала и немав некој посебен проблем. За разлика од првата бременост, овој пат првите месеци многу мачно ги поминав, но сега сум добро и одлично се чувствувам“.
Кога ќе ја споредиш првата бременост со втората, што е различно, а што исто?
„Па ете, како што кажав, првите месеци за разлика од првата бременост ми беа навистина тешки, но, сепак, ќе кажам дека тоа се слатки мачнини, бидејќи самата помисла дека ќе подариш живот те тера да заборавиш на се'“
Колку годините, возраста влијаат врз мајчинството? Односно дали сега се чувствуваш поподготвена за дете за разлика од пред 12 години?
„Секако дека искуството значи многу. И јас и Мики сме подготвени за четвртиот член од нашето семејство. Среќни сме што ќе го живееме повторно светот на бебињата, а паралелно со Мони и светот на тинејџерите“.
Кога ја очекувате приновата? Го знаете ли полот?
„Сега сум во шестиот месец од бременоста. А најсреќни сме што ја остваривме желбата на Мони да добие сестричка...“
Како ти минуваат деновите, со што си преокупирана моментно, претпоставувам дека стагнираат професионалните обврски?
„Што се однесува до моите професионални обврски, малку се намалени, иако барем досега немам некои проблеми околу тоа. Настојувам повеќе времето да го збогатам со прошетки во природа, чист воздух, здрава храна и редовно спиење“.
Како го негуваш телото во овој период? Колку внимаваш на исхраната и дали го оправдуваш „јадењето за двајца“?
„Воопшто не се согласувам со тоа дека треба да се јаде за двајца. Нормално е да имаш желба за нешто повеќе да каснеш, но тоа не мора да значи дека секогаш кога ќе посакаш, мора да го имаш и да го консумираш неконтролирано. Внимавам на тоа и настојувам во мојата исхрана да внесувам повеќе овошје и зеленчук и, се разбира, здрава храна“.
Според тебе, кој е најубавиот период во животот на една жена?
„Секој период во животот на жената е различен и убав на свој начин. Секој момент носи искуство плус и секој нов ден носи нови доживувања. Но, сепак, мора да го издвојам перидот од деветте месеци на бременоста... Не за џабе тој период се нарекува блажена состојба“. |