Повеќе нема бесплатен ПАП-тест секоја година
Доколку ПАП-тестот е в ред следната контрола на грлото на матката, на товар на државата, е по четири години
Јасмина Јовановска
Жените повеќе нема да можат да прават бесплатен ПАП-тест еднаш годишно. Доколку ПАП-тестот е в ред, за следната здравствена контрола на грлото на матката, на товар на државата, може да се јават дури по четири години. Во меѓувреме, на припадничките на понежниот пол не им останува ништо друго - ако сакаат да одат на гинеколог за ПАП-тест ќе мора да платат партиципација најмалку од 60 денари, па се' до 500 денари.
Жените револтирано прашуваат дали бесплатниот ПАП-тест беше само уште една лажна реклама. „Речиси две години Владата и Министерството за здравство зборуваа дека мора да се оди редовно на ПАП-тест и тоа барем еднаш годишно, мора навреме да се открие ракот на грлото на матката, од каде сега ова ПАП-тест на четири години. Државата нема повеќе пари, па сега нема ни бесплатни ПАП-тестови“, жестоко реагираат жените што ги сретнавме пред неколку скопски матични гинеколошки ординации.
Кампањите и рекламите за ПАП-тест еднаш годишно одеднаш ги снема. „Додека требаа да се потрошат парите и кампањите да бидат успешни на секој чекор се трубеше за ПАП-тестот. Зошто тогаш не ни кажаа дека медицински е на четири години да се прави ПАП-тест, туку сега, кога мора да плаќаме од свој џеб“, потенцираат пациентките.
И матичните гинеколози се револтирани од ваквиот пресврт во здравствената политика за гинеколошка контрола на жените и, според нив, ова се прави само Фондот за здравствено осигурување да заштеди. „Само се бара начин како да ни скратат од капитацијата, која и така е прениска. Секои три месеци за остварување на превентивните цели, меѓу кои и за ПАП-тестовите, добивавме пари. Сега и тие ќе ни ги скратат. Со што ќе работиме, не знам“, се жали еден скопски матичен гинеколог. Тој уште вели: „Како гинеколози од жените бараме редовно да доаѓаат за ПАП-тест за навреме да се открие ракот на грлото на матката, а со контроли на четири години, додека дојдат за ПАП- тест, ракот не само што може да се појави, туку и да ја разори матката“.
Од ФЗО се правдаат дека и досега матичните гинеколози немале право да прават бесплатни ПАП-тестови секоја година. „Согласно со правилникот, матичниот гинеколог добива пари за превентивни ПАП-тестови само за 25 отсто од пациентките за кои тој се грижи за нивното репродуктивно здравје. Ова значи дека жената кај матичниот гинеколог за бесплатен ПАП-тест може да се обрати на четири години. Поради кампањата, матичните гинеколози можеби добивале пари за бесплатни ПАП-тестови од Министерството за здравство, но од фондовската каса ништо повеќе од парите за превентивни ПАП-тестови за 25 отсто осигуренички“, објаснува портпаролот на ФЗО, Бранко Аџигогов, и тврди дека нема никакво кратење на средствата за превентивните цели на матичните гинеколози.
И Министерството за здравство, пак, се повикува на препораките на Светската здравствена организација дека бесплатни ПАП-тестови треба да се прават на четири години. „Ако ПАП-тестот е негативен, жената ќе дојде на контрола по четири години. Но, ако тој е позитивен, тогаш ако треба ќе доаѓа и на шест месеци“, образложува д-р Јованка Костовска, раководителка на превентивниот сектор во Министерството за здравство. И Костовска вели дека и гинеколозите и жените, најверојатно бесплатниот ПАП-тест еднаш годишно го помешале со оној од кампањата. „Кампањата што беше скрининг само за неосигурани жени, но, покрај нив се прегледуваат и осигурени, заврши. Па, сега кај матичен гинеколог бесплатен ПСП-тест може да се прави само на четири години“, образложува д-р Костовска.
Никој од здравствените власти не објаснува зошто тоа не им било кажано и на матичните гинеколози и на осигуреничките кога траела кампањата, туку дури сега. За да се расчистат овие дилеми Министерството за здравство најави средби со матичните гинеколози. Од Министерството за здравство уште најавија скрининг во внатрешноста на земјата во четири пилот- општини. (J.J.) |