За средношколците 500 стипендии
Стипендии за средношколци со посебни потреби и стипендии за социјална поддршка годинава прв пат ќе бидат доделени од страна на Министерството за образование и наука. Ова е една од новините што се воведуваат кај средношколските стипендии. Од МОН најавија дека денеска ќе биде објавен конкурс за три типа стипендии за ученици во средно образование што, како и за студентските стипендии, е нов модел на стипендирање што почнува оваа учебна година.
Министерот Никола Тодоров на прес-конференција соопшти дека за учебната 2010/2011 година во сите три категории ќе бидат доделени 500 стипендии за средношколци, односно вкупно 650 со 150 стипендии за надарени ученици- спортисти што ги објави неодамна. Имаат различен износ и сите се за девет месеци.
За талентирани ученици МОН ќе додели 50 стипендии со месечен износ од 2.200 денари. Единствен критериум за рангирање на учениците, за кои важат сите 100 бода е просечна оценка 5.
Најголем број стипендии (400) МОН ќе додели за социјална поддршка на средношколците. Нивниот износ е 1.500 денари и од максимални 100 бода - 60 бода се по основа на остварени приходи и плати во потесното семејство, 25 бода за успех, 10 бода за освоени награди на меѓународни и на државни натпревари и пет поени за деца без родители, деца на самохрани родители, деца на родители со посебни потреби, корисници на социјална помош и корисници на надомест по основа на технолошки вишок.
Третиот вид стипендија е за ученици со посебни потреби. Износот е 2.000 денари, а ќе бидат доделени 50 стипендии. Од 100 бода, 60 бода се по основа на остварени приходи и плати во потесното семејство, 2а0 бода од остварениот успех и 20 бода за деца без родители, деца на самохрани родители, деца на родители со посебни потреби, корисници на социјална помош и корисници на надомест по основа на технолошки вишок.
„Се обидуваме да вклучиме што повеќе категории. Можеби 400 стипендии за социјална поддршка не се доволни за целосно да го решат овој проблем, но сигурен сум дека 400 семејства во Република Македонија, чии деца се ученици во средното образование, ќе имаат можност за подостоинствен живот и подобри услови за учење. Тоа се однесува и на децата со посебни потреби“, истакна министерот Тодоров. Средствата се предвидени во буџетот за 2011 година и сите стипендии ќе бидат навреме исплатени, вели Тодоров. (Д.Р.) |