Број 3660  петок, 19 август 2011
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Онлајн вести








Site Meter
Хроника

Перуанци го прелетале светот со кокаин во желудникот

На скопскиот аеродром откриен прв случај на голтачи на дрога. Уапсените имале во желудникот 66 пакувања со течен кокаин

Даниела Трпчевска

Двајца Перуанци проголтале 1,5 килограми течен кокаин спакуван во 66 презервативи, по што поминале три држави за да ја донесат дрогата до посакуваната дестинација. Полицијата ги открила на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје по ��ретходно добиени оперативни сознанија. Уапсените Перуанци биле дел од меѓународен канал за шверц на кокаин. Дрогата скриена во желудникот на Перуанците го започнала својот пат од Јужна Америка до Бразил, потоа авионски била транспортирана до Истанбул, Турција, за на крај да слета на скопскиот аеродром. Полицијата ги приведе Перуанците, но трага по нарачателите на течната дрога, која, кога ќе се помеша со други супстанции, може да достигне и вредност од повеќе илјади евра на пазарот.

Перуанците П.К.Ј.М.Ј.(33) и А.Ј.Ј.(49) на скопскиот аеродром пристигнале во вторникот, со авион на „Туркиш ерлајнс“. Полицијата веќе имала одредени сознанија дека ќе пристигне пратката, по што почнала да ги претресува сомнителните гости. Но, при претресот не успеале да пронајдат ништо. Откако ги набљудувале извесно време, на оперативците им станало сомнително тоа што пристигнатите гости, на огромните горештини ниту пиеле вода ниту, пак, консумирале некаква храна. Откако ги привеле, тие биле однесени на скопските клиники каде што им биле направени многубројни снимања за да се потврдат сомнежите дека Перунаците, всушност, ја проголтале дрогата за да ја сокријат. Дури 3-Д апаратите во Градска болница, како што дознаваме, ги снимиле 66 пакувања со течен кокаин, скриени во желудниците на Перуанците.

„Двајцата беа подложени на медицински третман, по кој од нивните тела се исфрлени 66 пакувања со кокаин во течна состојба, со околу 1.500 милилитри количина, која е предадена во Одделот за криминалистичка техника за натамошно вештачење“, објаснуваат од МВР.

Според помошникот на министерот за информирање во МВР, Иво Котевски, двајцата шверцери на дрога го проголтале кокаинот во Перу, а потоа, поради нивниот подолг престој во Сао Паоло во Бразил, биле принудени да ја исфрлат од телата и повторно да ја проголтаат пред летот за Истанбул. Шверцерите на дрогата многу ризикувале, со оглед на тоа што желудочната киселина е многу јака, па често се случува некое од пакувањата да пукне, што може да го доведе во опасност животот на оној што ја пренесува.

„Перуанците имале резервирано престој во еден од скопските хотели, а резервацијата на хотелската соба за нив ја направила туристичка агенција од Србија. Се претпоставува дека дрогата била наменета за нарко-пазарот во земјите од ЕУ или во некоја од соседните земји на Балканот и се работи на утврдување на поврзаноста на лицата што ја резервирале собата“, додава Котевски.

Странските државјани се предадени на истражен судија, кој им одредил краткотраен притвор од 48 часа, по што до надлежното Обвинителство ќе биде поднесена кривична пријава за недозволена трговија со дрога.

Завеси и прекривачи со вкус на кокаин

Ова е прв случај македонската полиција да детектира и да открие „голтачи“ на течен кокаин, кои се обидуваат преку македонска територија да ја пренесат дрогата до крајната дестинација. Најголемо количество кокаин беше запленето пред неколку години на Блаце, кога половина тон дрога беше откриена во кутии со поликолор. За разлика од хероинот, кој почесто транзитира низ земјава, за коката, или дрогата на богатите, нема голем интерес на македонскиот пазар. Затоа таа најчесто се запленува во мали пратки, кои авионски се шверцуваат.

Најинтересната заплена се случила пред три години на скопскиот аеродром, кога еден странец се обидел да прошверцува завеси, прекривачи и фармерки потопени во течен раствор со кокаин. Инвентивноста на трговецот со дрога не ја регистрирал рендгенот, но им станала сомнителна на надлежните, оти завесите изгледале влажно и незасушено, а багажот тежел многу повеќе отколку што треба. Со посебна технологија од страна на крим-техничарите, сомнителните завеси и алишта биле потопени и од нив биле извадени девет килограми кокаин.

Кокаинот се случувало да биде пронајден и во фабрички вина полнети во шишиња, спакувани за репрезентација. Во деведесеттите години, пак, е откриена дрога во рамки за слики. Со летот од Лондон за Скопје, во земјава пристигнале двајца шверцери на дрога со палета со слики. Дрогата е пронајдена во рамките на сликите, кои биле направени од специјално лесно дрво, слично на плута. Во специјално направените жлебови се откриени 13 килограми кокаин. (Д.Т.)


#
Статијата е прочитана 1368 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Хроника
Оштетена црквата во тетовска Мала Речица
Мотоциклист удри во семафор и загина
Интензивно се трага по убиецот на момчето

"""