ИНТЕРВЈУ
Македонија има огромно културно и народно богатство
Џовани Грило
„Веднаш забележав една вродена расположливост во земјата да се доживуваат нештата интензивно и благонаклоно“, вели, поранешниот аташе за култура при италијанската амбасада во Скопје
Невена Поповска
По подолга пауза од неколку години, весникот „Данте“, гласило на Институтот „Данте Алигиери“ во Скопје повторно излезе од печат. Вие од самиот почеток сте дел од овој проект, а и овој пат имате голем удел во неговата обнова. Кажете ни нешто повеќе за формирањето и почетоците на Институтот „Данте Алигиери“ и весникот „Данте“?
Се чувствувам должен да изнесам неколку податоци во врска со Институтот „Данте Алигиери“ во Италија, основано во 1889 година од една група интелектуалци, под раководство на Џозуе Кардучи. Примарната цел на Институтот „Данте“ беше да се „заштитат и афирмираат италијанскиот јазик и култура ширум светот, оживувајќи ги духовните врски на сонародниците во странство со татковината и побудувајќи ги кај странците љубовта и култот кон италијанската цивилизација“.
За постигнување на овие цели, Институтот „Данте Алигиери“ се потпираше и се уште се потпира врз постојана и безрезервна помош на повеќе од 500 комитети, од кои над 400 делуваат во странство. Институтот „Данте Алигиери“ од Скопје е едно од овие странски реалности, создадено и основано во 2000 година, со цел зголемување и ширење на интересот за италијанската култура во Македонија, како и за унапредување на размените меѓу двете земји и афирмирањето на италијанскиот јазик. Желбата за создавање на Комитетот во Скопје беше силно искажана од една група луѓе од македонската и италијанската културна средина, меѓу кои би сакал да го истакнам Борис Вишински, поранешен претседател на Италијанскиот културен центар, кој во 2000 година ја презеде функцијата претседател на Институтот „Данте Алигиери“ во Скопје, оставајќи му го претседателството во Италијанскиот културен центар на професор Борис Петковски.
Институтот Данте Алигиери објавуваше периодично свој весник, посветен на запознавањето и афирмацијата на своите остварени и програмирани културни активности. Последното издание, кое исто така јас доброволно го поддржав, беше објавено во 2005 година, пред моето дефинитивно заминување од Скопје. Во меѓувреме, Институтот Данте Алигиери во Скопје го обнови своето раководство. Во 2008 година Борис Вишински го напушти претседателството и неговото место го презеде професорката Анастасија Ѓурчинова, а истовремено Институтот ја реорганизираше својата активност, па во рамките на оваа обновена културно-јазична дејност се совпадна и остварувањето на Меморијалот, осмислен од моја страна и посветен на професорот Борис Петковски.
Во овој број од весникот е поместен и специјален прилог посветен на Борис Петковски, познат македонски историчар на уметноста, универзитетски професор и прв претседател на Италијанскиот културен центар во Македонија. Прилогот е приреден од Вас, па од каде идејата за реализација на прилогот?
Што се однесува до Меморијалот посветен на професорот Борис Петковски, имав веќе прилика да го истакнам овој аспект уште во мојот предговор кон Меморијалот, иако поцелосно можам да наведам дека, во мојата функција на вработен во Министерство за надворешни работи на Италија, поминав во Македонија неполни шест значајни години од мојата странска мисија, работејќи и развивајќи ја мојата улога при италијанската Амбасада во Скопје. Беа тоа шест мошне значајни години како од професионален, така и од личен аспект. Периодот што се совпаѓаше меѓу другото и со еден специфичен период за оваа земја, која од 1999 до 2005 година доживеа забележителни промени. Активностите и професионалните сектори на чие чело се наоѓав беа сектори од особено значење и од голем ангажман, а тука мислам на визно-конзуларната, како и културната канцеларија при Амбасадата.
Се сеќавам дека веднаш забележав една вродена расположливост во земјата и нејзиното население да ги доживуваат нештата интензивно, мошне длабоко и благонаклоно, а особено се што претставува култура во пошироката и потесната смисла на зборот. Следствено, сето тоа ја олеснуваше мојата работа, бидејќи постојано наоѓав вистински соговорници кои претставуваа секогаш додатни позитивни вредности во моите културни активности помеѓу Италија и Македонија. Кога зборувам за култура, би сакал да потенцирам дека јас ја сфаќам во проширена смисла. Многу истакнат беше делот што го обележуваше растечкиот културно-воспитен интерес меѓу младите во Македонија. Со особено задоволство и гордост, за активностите што ги извршував во рамките на Амбасадата во целост, го примив и признанието што ми го додели Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, како потврда за таквата специфична активност што ја извршував, а и како сведоштво за постигнатите резултати од страна на Амбасадата во текот на мојата мисија во Скопје. Во голем дел од активностите што ги извршував во културните рамки за време на мојата мисија во Македонија, професорот Петковски беше секогаш присутен, споделувајќи ги и поддржувајќи ги моите иницијативи. Како што веќе кажав, меѓу бројните задолженија, тој беше и првиот претседател на Италијанскиот културен центар во Ско��је, чија цел беше токму афирмирањето на италијанската култура. Во тие рамки моите службени активности за кои бев задолжен на културен план ги поврзував со соодветните цели на Италијанскиот културен центар, па според тоа имав чести и постојани контакти и блиски односи со професор Петковски.
Благодарение на професор Петковски се засили активноста на запознавање на младите италијански уметници со историското искуство, поврзано со уметничките колонии присутни во Македонија, па и самиот можев да бидам сведок во текот на мојот престој за еден растечки интерес кај младите италијански уметници кон овој вид дружење, присуствувајќи во одредени случаи и на интересот за пренесување во Италија на ова прекрасно искуство за организирање на уметнички колонии, кое има мошне длабоки корени во културно-уметничкото наследство на Македонија. Се уште го паметам огромниот ангажман на професорот во поддршката вложена во остварувањето на втората книга на „Виа егнатија“, која се раѓаше од проектот на професор Фазоло од Универзитетот во Рим.
А да не ги спомнувам многубројните студии извршени од професор Петковски за студиско-историскиот проект во врска со Јустинијан Први. Долг би бил списокот доколку би сакале да ги цитираме програмите и проектите во кои беа опфатени двете земји, кои за жал, поради некои разбирливи причини, тие не беа секогаш остварувани.
Можеби потомците ќе сведочат за него со многу поголема детерминантност и релевантност отколку што можам јас денес во мојата маленкост. Заради тоа посакав да оставам спомен, сеќавање кое ќе сведочи за големината на овој Човек. Меѓу разните опции ми се виде најсоодветна на мојата цел опцијата да ги соберам слободните сведоштва на повеќе мажи и жени кои во текот на својот живот имале прилика, можност, или подобро, привилегија да го запознаат или да работат со професор Петковски. Оваа идеја за Меморијал ми се роди за време на еден од многубројните разговори со професорот Вишински и веднаш ми се виде како најидеална, каква што несомнено ќе му се допаднеше и ќе го задоволеше професорот Петковски.
Небаре го сетив неговото „одобрување“, па затоа денес ја конкретизирав идејата во книга, во нему посветен Меморијал, во кој се собрани и содржани, сите заедно во една единствена книга, многубројните сведоштва на почит и на личен поздрав, искажани и посветени со љубов и спонтаност од страна на голем број познати личности од светот на уметноста и културата на оваа убава земја Македонија, но исто така и на некои од бројните италијански пријатели.
Оваа книга во негов спомен, што настана по моја желба е, дефинитивно, искажување до професор Борис Петковски во знак на моето лично „Благодарам“, како и поздрав до еден бележит Македонец и едновремено Италијанец, речиси еден вид вечно сведоштво за оние културни размени што отсекогаш изобилуваа додека тој беше жив... Можеби оваа моја слободна и спонтана иницијатива ќе претставува и почеток и поттик за некои други луѓе кои ќе посакаат да посветат нешто... во спомен... За Потомците...
Извесен период бевте одговорен на секторот за култура и конзуларни работи при Италијанската амбасада во Скопје. Оттаму, имавте можност поблиску да се запознаете со македонската култура, уметниците, творештвото, културното наследство. Какви се Вашите впечатоци за македонската култура?
Во текот на шесте години поминати во Македонија можам уверено и убедено да тврдам дека Македонија, и покрај тоа што е мала земја од географска гледна точка, е сепак Голема Земја од културно-уметничка гледна точка. Таа е земја богата со култура, уметност, историја, креативност, и сметам дека ова нешто во многу аспекти ја прави слична со Италија.
Моето професионално искуство заврши по шест интензивни години кои во мене издлабиле длабока трага и неизбришлив спомен, втиснувајќи го во мене убедувањето дека оваа земја располага со огромно културно и народно богатство. |