Романскиот „Кога сакам да свиркам, ќе свиркам“ на „Синедејс“
Денеска на „Синедејс“ ќе можат да се видат неколку интересни филмови од регионот. Во киното „Фросина“ во 20,30 часот во рамки на официјалната конкуренција ќе се прикаже романскиот филм „Кога сакам да свиркам, ќе свиркам“ на Флорин Сербин. Овој филм, кој ја следи приказната за младиот Силвиу што се наоѓа во затвор за млади, беше прикажан во Берлин и помина одлично, освојувајќи две значајни награди. Првата е Гран-притоа на жирито, а втората е наградата „Алфред Бауер“, која се доделува за иновативност. Станува збор за еден фантастичен спој на интимното, општественото и социјалното, низ болката и неможноста на Силвиу што било да промени, дури и со својата жртва.
Од главната програма денеска ќе се прикаже и хрватскиот „Црнци“ на Звонимир Јуриќ и Горан Девиќ, еден силен антивоен филм, кој низ клаустрофобијата и вината на неговите протагонисти, прави одличен осврт на војната, низ приказната за членовите на водот задолжен за валканите задачи. Овој филм ќе оди во киното „Фросина“ од 22,30 часот.
„Балкан линк“ денеска го носи српскиот филм „Животот и смртта на порнобандата“ на Младен Ѓорѓевиќ, кој ќе се прикаже во „Милениум“ од 20 часот, додека од 22 часот во ова кино оди и филмот од Гала-програмата, германскиот „Виски и вотка“ на Андреас Дрезен. Во клубот МКЦ, пак, од 21 часот ќе може да се проследи и првиот дел од Музичките документарци, во чии рамки ќе ги видиме: англискиот „Еден човек во групата“ на Адам Клитеро и хрватскиот „Од Габровец до Мемфис“ на Давор Батисвелер. (С.У.) |