Изборот на Кондарко во рацете на ДУИ
Новиот претседател на ДИК ќе се избира в петок, клучни се гласовите на партнерите на ВМРО-ДПМНЕ
Отсуството на пратениците од ДУИ од вчерашната собраниска седница (кои се налутија поради едностраниот избор на новиот гувернер Димитар Богов) го одложи изборот на Борис Кондарко за претседател на ДИК. Во неможност да обезбеди двотретинско мнозинство - минимум 80 гласа, спикерот Трајко Вељаноски го помести гласањето за прв човек на ДИК за утре во 12 часот. Пратениците од опозицискиот СДСМ, чиј предлог е Кондарко, не го прекинаа бојкотот и по завчерашната средба меѓу лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Никола Груевски и Бранко Црвенковски.
Пратеничката од ЛДП Роза Топузова-Каревска уште во почетокот на седницата побара да се одложи изборот на Кондарко и на Богов, бидејќи, како што рече, не е в ред да бидат избрани само со гласовите на ВМРО-ДПМНЕ. „СДСМ бојкотира, а отсутни се и пратениците од ДУИ. Немојте на мускули да ги терате работите“, рече Топузова-Каревска. Како своевиден куриозитет го посочи тоа што на дневниот ред на оваа седница има 92 точки. А како што напомена таа, голем број закони се предложени по скратена постапка.
Вељаноски вчера ги повика социјалдемократите да дојдат на седницата в петок и заедно да го изгласаат новиот претседател на ДИК.
„Ако не не' почитуваат, нека го почитуваат сопствениот предлог. Нека дојдат, нека го изгласаат и потоа, ако мислат дека така треба, нека продолжат со бојкотот. Го знаеме кандидатот за претседател на ДИК, јавно кажувам дека ќе го гласам“, соопшти спикерот. Притоа, ги критикуваше социјалдемократите дека тие барале избори и во собраниската сала доаѓале со маици, метли, транспаренти, но, како што констатира тој, потоа се исплашиле и побегнале. „Барем да си ги земат транспарентите и календарите или, пак, нека дојдат да гласаме и да се распуштиме“, повика Вељаноски.
Претходно и претседателот на Комисијата за избори и именување, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, апелираше до пратениците да го поддржат изборот на Кондарко за претседател на ДИК.
Собранието вчера го утврди амандманот 32 на Уставот, што се однесува на екстрадиција на македонски државјани. Овој уставен амандман, исто така, треба да биде прогласен в петок, бидејќи и за него е неопходно двотретинско мнозинство. (О.В.) |