Број 3310  петок, 18 јуни 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Магазин

Site Meter
Скопје

Меѓуопштински спор околу парк шумата „Гази Баба“

Општините Чаир и Гази Баба стасаа до суд заради парче од заштитеното подрачје

Сања Наумовска


Градот Скопје минатата недела поднесе иницијатива до Републичкото Собрание за измена на Законот за Град Скопје, со што, дефинитивно, ќе се утврдат границите меѓу општините. Со тоа, конечно, ќе се реши и спорот на тромеѓето на Гази Баба, Чаир и Бутел. Станува збор за дел од парк-шумата „Гази Баба“.

Општина Чаир спорното подрачје го има имплементирано во Деталниот урбанистички план „Лирија 2“, според кој, се предвидува урбанизација на парк-шумата. Планот, на иницијатива на Општината Гази Баба, пак, која смета дека заштитеното подрачје треба да влезе во нејзината територија, е оспорен пред Уставен суд. Со одлука на судот, како и на Државниот инспекторат за урбанизам, реализацијата на планот е стопирана, а неговата судбина ќе зависи од Собранието, кое, конечно, ќе треба да ги расчисти дилемите околу границите меѓу општините.

Според важечкиот Закон за Град Скопје, кој со член 8 ги утврдува меѓите меѓу сите десет скопски општини, се јавува нејаснотија за една локација во парк-шумата „Гази Баба“. Во неколку ставови од членот има различни описи на границите, со што, практично, општините не знаат до каде им е територијата. Ова внесува забуна и проблеми во работењето на општините во рамките на нивните надлежности, како што е примерот со донесувањето на конкретниот детален план.

Врз основа на контрадикторното објаснување во ставовите на законот, по барање на Општина Гази Баба пред неколку години, Катастарот издал два различни нацрта за границите со Чаир, што за градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски, е недозволиво.

„Сакаме прецизно да се утврдат границите на парк-шумата, бидејќи тоа е заштитено подрачје. Сметаме дека спорната локација е дел од нашата општина и не се согласуваме со урбанизирање“, вели градоначалникот Трајковски.

Познавачите на проблематиката објаснуваат дека доколку наскоро прецизно не се утврдат границите на општините, Уставен суд може по иницијатива на засегнатите страни, да одлучи дека членот 8 е неуставен, со што практично ќе се избришат сите граници меѓу единиците на локална самоуправа во Скопје. Тоа, велат тие, би можело да стане повод повеќе општини да „стават рака“ на територии, кои сметаат дека им припаѓаат или, пак, некогаш им припаѓале, па преминале во соседните општини.

И во Градот Скопје сметаат дека единственото решение е во измената на законот и прецизирање на одредбите во членот.

„Заради расчистување на ситуацијата што подолго време создава проблеми, поднесовме иницијатива до Собранието да го допрецизира член 8 од Законот, со што ќе се надминат сите отворени прашања. Дотогаш во сила ќе биде одлуката на Уставен суд за стопирање на реализацијата на Деталниот план на Општината Чаир“, вели градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, кој нагласува дека општините заедно со уште неколку надлежни институции долго време дискутирале за состојбата, но само Собранието има надлежност да ја реши.


#
Статијата е прочитана 260 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Скопје
Ноќно бележење на градските улици
Генералка во Аеродром
Мајсторе, може ли до Бит-пазар?
„Три круши“ по петти пат
„Поздрав на сонцето“ со јога-сеанса
Скопје дневно троши 590 литри вода на жител
Марш за заштита на животните
Заштитни столпчиња на „Водњанска“