Мајсторе, може ли до Бит-пазар?

Се' почесто граѓаните ги прашуваат возачите во приватните автобуси дали може да се возат без пари
Снежана Калабакова
Мајсторе, може ли до Бит-пазар? Мајсторе, може без пари за две станици? Вакви и слични прашања одвреме-навреме им упатуваат на возачите во приватните автобуси граѓани, кои не можат да платат за градски превоз. Бидејќи не можат да пешачат, а реално имаат потреба од превоз, но немаат пари, тие гласно го кажуваат тоа и чесно прашуваат, без воопшто и да помислат да се шверцуваат. Возраста е различна, од средновечни до постари, тие не се срамат да прашаат, па ако возачот им дозволи се качуваат.
Овие луѓе, веројатно, се реална слика на стандардот на голем дел од нашите граѓани, кои немаат пари ниту за превоз. Дел од возачите имаат разбирање за ваквите случаи, па им дозволуваат да влезат во автобус за да ги превезат до некој друг дел од градов. Но, има и возачи што само со вртење глава ги одбиваат, па потенцијалните патници стрпливо остануваат на постојките да го чекаат следниот автобус и возачот, кој можеби ќе им се смилува и ќе ги пушти во автобусот без пари. Возачите објаснуваат дека некои патници се навистина чесни, но има и такви што сега прашуваат затоа што го нема зимскиот метеж кога можат да се протнат на некоја од задните врати за да се провозат бесплатно. Од друга страна, пак, луѓето што немаат пари знаат дека само во приватните автобуси можат да влезат без да платат и да поминат неказнето. Во автобусите на ЈСП „Скопје“ многу лесно можат да заработат казна од контролорите.
Од ова превозничко претпријатие во минатата година имаа голем проблем со патниците што не сакаат да платат за билет, а ситуацијата не е ништо подобра ниту годинава. Контролорите најмногу проблеми со неплаќачи имаат на линиите „9“, „11“, „19“, „51“, „55“, „56“,„67“ и на линијата „70“.
„Имаме реален проблем со патници што ќе влезат во нашите автобуси без претходно да купат билет. Нашите контролори затечуваат по 1.000 патници месечно што сакаат да се прошверцуваат. Но, колку се оние што не се фатени од контролорите, не знаеме. Дел од нив навистина немаат да платат за превоз, но има и такви што се спротивставуваат да платат дури и кога се затечени без билет“, објаснува Ешреф Исени, раководител на внатрешната контрола на ЈСП „Скопје“.
Контролорите ги казнуваат затечените патници без билет во автобус со мандатна казна од 200 денари. Доколку не ја платат веднаш на самото место во автобус, туку се одлучат казната да ја платат во дирекцијата на претпријатието, тогаш таа изнесува дури 1.000 денари. Ако граѓанинот и таму не ја плати, тогаш ќе добие прекршочна пријава, па за својата постапка ќе одговара на суд. |