„Цунами“ ги освои Јабука и Лесковац
ТЕТОВО - Комедијата „Цунами“ во изведба на драмските аматери од Тетово ги преполнија салите во Јабука и Лесковац во соседна Србија. Гледачите со долготрајни аплаузи ги наградиле актерите, а во Лесковац публиката заедно со учесниците на сцената спонтано ја запеале и заиграле „Македонско девојче“. И во двата града организаторите побарале Драмското студио од Тетово повторно да им гостува. Во оваа прилика добиени се нови отворени покани за настап во Качарево и Ниш и притоа со оваа претстава да гостуваат во Југословенско драмско позориште во Белград. Ова се впечатоци од тукушто завршеното гостување на Драмското студио при Центарот за култура, „Иљо Антевски-Смок“ во Тетово.
„Тешко може да се искаже впечатокот од однесувањето. Тоа треба да се доживее. Нашето „Цунами“ кое од текст преку сценарио и режија до изведба, се' е од нашиот состав, во оваа прилика доживеа 15-та реприза. Фактот што комедијата е гледана од повеќе од 7.000 гледачи, сам за себе многу зборува. Во преполнета сала во Лесковац публиката најмалку пет пати не' враќаше на сцената“, ги пренесе впечатоците еден од актерите, Игор Бачоски. Неговиот колега Глигорие Стојановски вели дека и во Јабука и во Лесковац биле прифатени како свои, а „на разделбите можеа да се видат и солзи радосници. Тоа е факт што не' храбри да продолжиме со работата на Драмското студио“.
Во составот на екипата што гостуваше во Србија беше и дебитантот Мелиса Ценоска. „Пред преполна сала инспирациите за успех се' уште поголеми. Таков беше случајот во двата града. Мислам дека ќе бидеме долго време дел од нивното сеќавање“, вели Ценоска. (Г. Е.) |