Штетите на Араста-џамија се огромни
Директорот на НКЦ, Бехиџудин Шехапи, би сакал, но не може да верува дека уништувањето на археолошките остатоци е само несреќен сплет на околности
Катерина Богоева
Директорот на Националниот конзерваторски центар (НКЦ), Бехиџудин Шехапи, верник и историчар на уметност, кој повеќе од 15-ина години работеше во Исламската верска заедница (ИВЗ), во изминативе десетина дена од нејзина страна беше остро нападнат поради реакциите на незаконското поставување на темелите за обнова на Араста-џамијата во Старата скопска чаршија. Толкувајќи ги нападите што беа придружени и со низа обвинувања за неговото непочитување на исламската култура и недоволно ангажирање во заштитата и на други стари џамии во земјава, Шехапи, пред се', потенцираше: „Има многу функционери во ИВЗ што добро го познаваат моето повеќегодишно искуство во оваа институција, стилот и начинот на мојата работа, особено кога беше во прашање културното наследство. Дури и со гордост можам да кажам, дека доста научив од тие луѓе за култивирање на автентичните вредности на исламската култура и затоа сум изненаден од ваквиот однос. Затоа, верувам во категоричноста на моите ставови и дека законската процедура мора да се почитува. Тоа не би требало никого да го вознемирува. Ако се повикувате на нус-обвинувањата на ИВЗ до НКЦ и до мене лично, едноставно кажано – немам коментар. Јас сум професионалец, кој раководи со национална институција, што работи на една исклучително специфична и тешка материја и која почива врз секуларистичкиот принцип на работа. А тука функционираат позитивните законски прописи...
Во принцип, истиот проблем, помалку или повеќе, го имаме и со останатите верски заедници во Македонија. Сепак, генерално, соработката со сите нив е добра и би требало така да остане, независно дали некој ме сака мене или не. Мислам дека, пред се', нам како општество ни недостига поголема доза на граѓанска свест во однос на она што значи, или поточно, што би требало да значи суштинска заштита на нашето заедничко културно-историско наследство. До некаде и ги разбирам стравовите на ИВЗ, со оглед на фактот дека автентичното културно наследство се уништува од неупатените верници, кои можеби имаат и други тенденции, а кои се туѓи на нашата традиција на практицирање на исламската култура во Македонија. Но, затоа постојат надлежни институции...“
Директорот на НКЦ би сакал да верува дека незаконската обнова на џамијата, која стартуваше по извршените археолошки истражувања, е само несреќен сплет на околности и дека ИВЗ (кој од позиција на имател на верскиот објект со месеци наназад не му даваше согласност на НКЦ за проектот), не сакала намерно да го уништи откриеното. „Сакам да верувам, но сите индикации говорат за нешто сосема друго. Жално е тоа што ИВЗ си презема право во заштита на културно-историското наследство, што е основа на секое цивилизирано општество Да, тие можат и мораат да придонесат во заштитата на нашето заедничко наследство, но на соодветен начин и во рамките на својата овоземска мисија.“
Археолошките истражувања на Араста-џамија, беа реализирани во март, во рамки на проектот за нејзина ревитализација, изготвен од страна на НКЦ. „Штетите до овој момент никој не може да ги одреди. Но, во секој случај тие се огромни. Уништен е доста вреден, изворен материјал кој ќе послужеше како база за севкупните истражувања и конзерваторско-реставраторски зафати на нашите стручни тимови. Проектот за реконструкција во овој момент сигурно ќе претрпи измени, што ќе се рефлектираат и во предмет-пресметката“, рече тој, потенцирајќи дека му е тешко кога го слуша поставеното прашање за тоа, што од некогашните евидентирани остатоци би можело понатаму да се презентира. „Нашите тимови за проценки на штетите се' уште не се излезени на терен. Ги чекаме извештаите и записниците од инспекторите на УЗКН при Министерството за култура, што се надевам дека ќе го сторат во најскоро време и дека ќе имаме една покомплетна слика. Во секој случај, од тоа што јас го видов по уривањето на остатоците, таа слика нема да биде нималку розова...“
Проектот за реконструкција на Араста-џамија датира од 2006 година, а по препорака на Управата за заштита на културното наследство, бил редефиниран со нов стручен тим што започнал да работи од минатата година. „Вградувањето на објектот на ажурирана катастерска парцела и археолошко-конзерваторските истражувања беа приоритет и успеавме тоа да го решиме со општината Чаир, каде се наоѓа објектот, како и со Управата, каде што започна процесуирањето на постапката. Пред се', тоа значи идентификација на темелните партии и студија околу најоптималните решенија за зачувување на автентичните атрибути на споменикот, односно нивна конзервација и реставрација, како и реконструкција која ќе го отсликува архитектонскиот израз на соодветниот историски период, односно првата фаза (15 век) и втората фаза (18 век). Секако, во крајната фаза, по реконструкцијата, објектот ќе си ја задржеше својата основна функција, под закрила на ИВЗ, чиешто право, никој и во ниеден момент не го доведе во прашање“, го објасни досегашниот тек на проектот, за чија што реализација беше предвидена и донација од турскиот град Бурса, со чија општина Осман Гази, меморандум за соработка има потпишано општината Чаир.
Бехиџудин Шехапи е задоволен од досегашниот тек на соработка на НКЦ со Управата за заштита на културното наследство и со општината Чаир во врска со проектот Араста-џамија. „Во моментов, сите од својот домен работиме на утврдување на штетите и смирување на страстите, со оглед на тоа дека станува збор за верски објект, чиешто проблематизирање може негативно да делува до народот...“
Во врска, пак, со обвинувањата од ИВЗ за недоволна ангажираност во заштита на Јаја Паша џамијата во Скопје, тој посочи дека за проблематичните уништувања на внатрешната декорација бил известен Конзерваторскиот центар на град Скопје, кој ги презел натамошните активности. „Со поддршка на ТИКА (Турската владина агенција за координација и развој), со која НКЦ има потпишано меморандум за соработка, започнавме вонпрограмски активности околу оваа џамија за замена на дотраените прозорци, во согласност со законските овластувања и процедури. Изготвен е и проект, но ИВЗ одбива секаква соработка, условувајќи дека тоа не може да се работи со НКЦ, туку со Конзерваторскиот центар, кому ние, како институција што ја координира и работата на регионалните центри, ќе му го префрлиме. Во интерес на самиот проект.“
Бехиџудин Шехапи во оваа прилика не одговори на поставено прашање кои се приоритетите за заштита на исламските споменици во земјава и зошто одреден дел од нив не се заштитуваат според сите светски стандарди, туку се отвораат нови и нови случаи.
Но, на крајот почувствува потреба да ја оцени севкупната поставеност на работите околу заштитата на културно-историското наследство во земјава.
„Очигледно во Македонија се' уште нема вистинско чувство за потребата од заштита на културно-историското наследство, а најмногу во однос на спроведувањето на позитивните законски прописи од оваа област. Секако, тука ни се наметнува и прашањето околу финансиските средства и вложувањата во институциите и кадарот, кои се непосредни носители на дејноста...“ |