Сменет директорот на кумановска „Пошта“
 Возилото од кое минатата недела беа украдени 100.000 евра
КУМАНОВО - Директорот на кумановска „Пошта“, Стојко Димчевски, кадар на НСДП, сменет е од функцијата и суспендиран од работа на неодредено време. Образложението за разрешувањето е Димчевски „да не влијае на истрагата“ околу последниот грабеж на возилото на Поштенска банка што се случи на автопатот во близина на наплатната рампа кај Миладиновци, кога беа украдени 100.000 евра. Неофицијално, директорската смена се поврзува со наводна вмешаност на Димчевски во организирањето фингиран грабеж на возилото.
„Не станува збор за никаква моја вмешаност во случајот. Станува збор за политички реваншизам, по одлуката на НСДП да и' се приклучи на коалицијата предводена од СДСМ“, изјави вчера Стојко Димчевски. Тој тврди дека вината за тоа што се случи со транспортот на парите од Куманово за Скопје е кај управата на Поштенска банка, која била должна да побара и да обезбеди полициска асистенција. Таа процедура морала да се обезбеди пет дена пред тргнување на транспортното возило кое со налог и со полициска придружба безбедно ќе го изврши преносот на парите. Наместо тоа, на директорот на кумановска „Пошта“ му бил ставен на маса налог за транспорт на пратката утрото пред тргнување, со напомена дека треба да го потпише, а тој и го сторил тоа.
Вчера во Куманово никој од партијата на Тито Петковски не беше подготвен да ја прокоментира експресната смена. Во меѓувреме, за в.д. директор на кумановска „Пошта“ е назначен Агим Бајрами, член и активист на ДПА. (Ст.Б.) |