Започна судењето на шверцерите на Кинези во акцијата „Змеј“

Првообвинетиот изјави дека неговиот судир со законот се случил по познанството со Гркот Росидис
Љубиша Станковиќ
Со распит на првообвинетиот Горан Велковски (26), во големата судска на Основниот суд Скопје вчера започна судскиот процес што се води против 17 лица обвинети за шверц на мигранти и организирање група и поттикнување извршување дела трговија со луѓе и шверцување мигранти. За органите на прогонот остануваат недостапни само грчкиот државјанин Георгиос Росидис-Јорго (50) и ваксинчанецот Наим Аљиљи (38), на кои по барање на застапникот на обвинението ќе им се суди во отсуство.
Својата одбрана, на главниот претрес, обвинетиот Велковски, започнувајќи ја својата одбрана, рече дека никогаш порано не бил во судир со законот и дека со години работел како таксист, но дека токму поради случајното запознавање со Гркот Росидис, се довел во непријатна ситуација. Велковски појасни дека со Росидис се запознал во септември минатата година, кога за определен паричен надомест со такси го превезувал од Скопје до граничниот премин Богородица. Додека патувале кон границата, започнале разговор, во кој Росидис му напоменал дека планира да отвори сопствен, шпедитерски бизнис во Македонија. Нему му било понудено да се вклучи во работата која требала да започне летото, а дотогаш требал да наоѓа работници кои би биле ангажирани на плантажи или во кафулиња во Грција. Иако не постигнале никаков договор, сепак, му го дал својот телефонски број на Гркот, кој одлично говорел македонски. Две недели подоцна, Росидис го побарал по телефон и се договориле два дена подоцна да се сретнат на граничниот премин. На средбата, според Велковски, повторно разговарале за започнување бизнис, по што Росидис му дал 2.000 евра и два телефонски броја. Кога се вратил, во кафуле во ТЦ „Лептокарија“ се сретнал со Сефедин Арифи (27), на кого му предал половина од парите, додека останатите 1.000 евра му ги дал на Мирослав Крстевски.
Следната средба што ја имал Горан Велковски со Георгиос Росидос се случила во декември, но поради дефект на неговото возило, побарал превоз до преминот Богородица од неговиот познајник Илија Терзиовски.
Освен споменатите во полициската акција наречена „Змеј“, беа уапсени и Драган Гелев од Скопје, дебарчанецот Дритан Цапа, Благоја Наумов од Скопје, Зоран Петрушев со прекар Психо од Богданци, Марјан Крстевски, Александар Поповски викан Шајзер и неговиот брат Ивица Поповски со прекар Попе, Бесар Амети - Гичи, Наим Азизи, Горан Арсов - Крки. Судењето продолжува со распит на другите обвинети за шверцување Кинези и албански државјани. |