Зошто се пука во полицајците
Синдикатот бара да се третира убиство на полицаец како злосторство врз државник
Горан Адамовски
Драконски казни за убијци на полицајци, а таквите злосторства да се третираат како напади врз државници, бара Полицискиот синдикат (ПС) како одговор на зачестените напади врз припадници на МВР. Најважна е превенцијата, велат од ПС, а овие мерки ќе помогнат во решавањето на оваа горлива појава.
„Овие напади врз наши колеги кои, на некој начин се вообичаен дел од работата на криминалното милје, се поизразени во последниот период како последица на поефикасното работење на полицијата. Ние од поодамна се трудиме да дејствуваме, пред се', превентивно, така што бараме зголемување на казните за напад или убиство на службено лице, односно ваквите злосторства да се третираат на ниво на убиство на државник. Но, досега не сме успеале да издејствуваме вакви измени во Казнениот законик“, вели Тихомир Климовски, претседател на ПС.
Во изминативе 15 месеци, пет полициски семејства се завиени во црно. Од 2000 година наваму црниот биланс се зголемува за двојно. Расчистени се многу мал број од нападите.
Во МВР, пак, не се согласуваат со констатацијата за „зачестени напади врз припадници на МВР“. Според нивните статистики, најмногу напади со огнено оружје врз полицајци имало во 2005 година. Тогаш, во три напади со огнено оружје и во два со бомби биле ранети пет полицајци. Наредната година биле евидентирани четири вакви напади, а во 2007 и во 2008 по три напади, но со четири смртни последици.
„Секој напад врз полицијата е и напад врз државата. Немаме намера да потклекнеме во борбата против организираниот криминал и корупција“, вели Иво Котевски, помошник-министер за односи со јавноста при МВР.
Во минатонеделниот крвав напад кај паркингот на Природно-математичкиот факултет во Скопје загина припадникот на „алфите“, Африм Арифи (39), а беа ранети двајца негови колеги. Кој и зошто пукал во нив, МВР и натаму не знае. Пронајден е само „голфот“ на напаѓачите. Додека полицијата трага по нив, во Клиничкиот центар продолжува борбата за живот на 24-годишниот полицаец.
„Неговата здравствена состојба е непроменета“, е вчерашната изјава од КАРИЛ. Полицаецот беше примен со бројни прострелни рани во главата и телото, поради што беше приклучен на апарати за дишење.
Во септември минатата година кај кумановско Ваксинце настрада командирот на ПС во Матејче, Фатмир Алили (49), а двајца полицајци беа ранети. Беа нападнати додека вршеле патрола. Во престрелката беше убиен еден од напаѓачите, додека организаторот на нападот Заим Алили - алијас командант Туши, успеа да преживее и да пребегне во Косово со 12 прострелни рани. Нему сега му се суди во кумановскиот Основен суд.
Врз основа на претпоставки се базира истрагата и за нападот во Танушевци во октомври минатата година кога беше усмртен граничниот полицаец Игор Драганов (24) од скопско Лисиче. Наводно, шверцери на стока и луѓе од Косово се исплашиле кога ја забележале полициската патрола, па пукале.
Само три месеци подоцна, на бензинската пумпа кај Автокоманда беше убиен полицискиот „тигар“ Зоран Марковски (40) од Миладиновци. Веднаш потоа, полицијата се обиде да го уапси, а поради давање отпор, го ликвидира Насер Небија (32) од Арачиново поради сомневање дека учествувал во нападот. Пред неколку недели, кога МВР го расчисти случајот, се утврди дека Небија во Арачиново ги прибрал петте напаѓачи (од кои еден полицаец), кои пукаа во полицискиот „лендровер“ за да се одмаздат за акцијата во Бродец, каде што МВР ликвидира шест терористи. Тројца од напаѓачите се уапсени, а двајца се во бегство.
Најтешкиот напад се случи во јануари 2000 година на влезот во Арачиново кога беа убиени полицајците Ерол Готак, Аце Ангеловски и Киро Петрушевски. За убиството беа обвинети неколку лица, но судењето се' уште не е завршено. |