Тунел во Штип за хаосот во сообраќајот
ШТИП - Изградба на тунел од центарот на Штип до населбите и индустрискиот дел. Овој скап и утопистички проект би бил една од варијантите за штипскиот хаос со возила.
Ова решение можеше да се слушне вчера од изготвувачите на сообраќајниот Детален урбанистички план, кога се дебатираше на тема „Акционен план за безбедноста на сообраќајот“.
Други сообраќајни стручњаци ја оценуваат идејата за тунел како невозможна. Затоа настапија со иницијативи кои значат проширување на одделни фреквентни улици, со изградба на тротоари, паркиралишта за такси-возила и за автобуси од локалниот сообракај...
Никој во Штип не е задоволен од сообраќајните можности. Затоа градот побара да се изготви нов детален урбанистички план за подобрување на сообраќајните решенија.
Во јавната дебата беа констатирани повеќе реални пречки кои се услов за создавање сообраќаен хаос. Затоа беа предложени повеќе решенија. Штип, сместен меѓу пет рида, нема доволно добра сообраќајна инфраструктура за 12.000 возила и за оние што влегуваат во градот. Сообраќајни стручњаци беа едногласни дека градот нема квалитетни улици, паркиралишта, тротоари... Во такви услови сообраќајната култура е на ниско ниво, бидејќи секој учесник во сообраќајот прави обид да се „снајде“ на секаков начин, главно прекршувајќи ги правилата.
Градот има развиена индустрија со околу 13.000 вработени во многу претпријатија надвор од него. По автобусите преполни со работници кои ќе тргнат кон центарот или населбите се создаваат колони од возила. Во такви услови се случуваат незгоди. Меѓу населбите Сењак 1, 2 и 3 и населбата Баби, во кои живее една третина од педесетилјадното население, улиците се без тротоари, а метежот е огромен. (И.Б.) |