За полицијата, чувањето петел во урбана средина се третира како милениче

Законот за комунални дејности не дозволува чување живина и добиток во град
Снежана Калабакова
Во урбаните делови на Скопје се' уште се чуваат коњи, кози, кокошки. Може и да не им е по волја на соседите кога наутро наместо мобилен телефон, ги будат петли, но нивните сопственици не се грижат многу за тоа. Една граѓанка од Дебар Маало пријавила во полиција дека постојано ги вознемирува кукурикање на петел, но оттаму и' било речено дека ако нејзините соседи имаат еден петел, тогаш тој има третман на домашно милениче и тука не може да се интервенира, а доколку има повеќе петли или кокошки, сеедно, тогаш ќе бидат убиени. Зошто две кучиња може да бидат третирани како домашни миленици, а два петла не никој не знае да одговори.
И Јулијана Атанасова од населбата Лисиче има проблеми со својот сосед, кој според неа има фарма со 14 коњи и петнаесетина кокошки што шетаат низ дворот. Таа вели дека од непријатната миризба не може да го користи сопствениот двор, не може да отвори врата или прозор, а штом се затопли, нема мир ниту од инсектите. Потенцирајќи дека соседот за занимава и со продажба на коњите, Атанасова за решавање на проблемот се обратила во Општина Аеродром, „Комунална хигиена“, Градот и во Министерството за екологија. Но, решение нема од никаде. Сопственикот на земјиштето на кое се наоѓаат животните Цветан Димишковски, пак, појаснува дека не станува збор за фарма, туку за штала што ја изнајмува, а за која има одобрение уште од поранешната Општина Кисела Вода. Вели дека коњите не се негови, туку на неговиот помошник Дилавер Абди има само два коња, додека кокошките биле на соседите. Тој одгледува зеленчук и произведува расад и вели дека коњите му се потребни оти уште од прадедо неговото семејство се занимавало со земјоделство. Признава дека неодамна го посетиле градските инспектори и побарале да ги отстрани животните.
Од Градот велат дека според Законот за комунални дејности и Одлуката за комунален ред на Скопје, не е дозволено да се чува ситен и крупен добиток во урбана средина. А, токму овој дел во населбата Лисиче урбанистички припаѓа на Општина Аеродром.
„Комуналните инспектори имаат право да бараат отстранување на животните во урбана средина, а можат да постапат и по вториот прекршок - загадување на животната средина. Тие треба веднаш да донесат решение за одреден рок животните да бид��т отстранети. Судската казна за ваков вид прекршок изнесува од 10.000 до 35.000 денари“, вели Александар Бошковиќ, комунален инспектор во Градот.
Во Министерството за животна средина велат дека се ненадлежни и упатуваат на Државниот ветеринарен инспекторат. Оттаму, пак, појаснуваат дека дури и да се работи за пријава дека му пречи кучето што го чува соседот во зградата, нивните ингеренции се само да проверат дали е тоа здраво и вакцинирано, а ваквите случаи се во надлежност на Комуналната инспекција.
|