Бездомникот го згрижувале и го лекувале, но безуспешно
Прилепскиот бездомник Александар Јованов (61), кој пред три дена почина од студ во својата опожарена куќарка, неколкупати бил згрижуван од Центарот за социјални работи во Прилеп. Ова го тврди Министерството за труд и социјална политика (МТСП) по вчерашните обвинувања на блиските на Јованов дека тој бил оставен на милост и немилост од институциите.
Според МТСП, во текот на 2007 година прилепскиот Центар за социјална работа го сместил Јованов во Домот за стари лица во Прилеп, од каде што потоа бил испратен на лекување во душевната болница во Демир Хисар. Во 2008 година Јованов бил повторно вратен во Домот за стари лица, кој пак го напуштил.
„Стручните лица од Центарот неколку пати се обиделе да поразговараат со Јованов во надеж дека ќе го убедат да биде сместен во соодветна институција, но не наишле на разбирање“, тврдат од Министерството. Според нив, тој поради проблеми со алкохол не успевал да се придржува до куќниот ред во институциите каде што е сместуван. Тоа бил неговиот главен аргумент зошто не сака некаде да биде сместен.
„Законот, пак, не дозволува доколку лицето не сака сместување во институција, да се направи тоа против неговата волја“, велат од МТСП. Александар Јованов починал од студ во неделата во својата опожарена куќарка во населбата Рид во Прилеп. Го пронашле соседите случајно. Тие раскажуваат дека Јованов бил напуштен од сите, одел во градот да питачи и се враќал во куќата, која изгорела пред еден месец. (Г.А.) |