Фатен организаторот на големата проневера во Комерцијална банка
Рокан Атанасовски е уапсен во Аргентина по тригодишна потрага за финансиска проневера тешка половина милион евра
Љубиша Станковиќ
Сопственик на фирмата „Платина инженеринг“, Рокан Атанасовски, за кого веќе три години е активна меѓународна потерница поради голема финансиска проневера, неодамна бил лишен од слобода. Неофицијално се дознава дека Атанасовски бил уапсен во Аргентина, а македонските правосудни органи веќе прибираат документација за негова екстрадиција во земјава.
Финансискиот скандал, кој се поврзува со името на Рокан Атанасовски, беше актуелен кон крајот на 2006 година кога Комерцијална банка информираше за одлевање на повеќе од половина милион евра од нивните сметки, со злоупотреби што ги направила сопругата на Атанасовски. За овој скандал освен Рокан и неговата сопруга Маријана Атанасовска, која работела во Комерцијална банка, беше осомничен и управителот на ДИН ДОО „Оточец“ од Словенија, Пеце Дамески. Тие се товареа за злоупотреба на службена положба и овластување, помагање во вршење кривично дело и поттикнување, но и перење пари.
Јавното обвинителство иницираше постапка поради основано сомнение дека тројцата успеале да изнесат од земјава над 500 илјади евра. Брачната двојка Атанасовски беше недостапна за органите на прогонот, а сопственикот на словенечката фирма од јануари 2007 година беше на издржување на мерката притвор.
МВР тогаш соопшти дека во текот на 2006 година Маријана Атанасовска во два наврата, без налог и без покритие, извршила плаќање по дознака по претходно отворени акредитиви на две странски фирми. Станува збор за плаќања од 514.250 евра, од кои на сметката на фирмата „Таџенкс холдинг лимитид Никозија-Кипар“ легнале 157.250 евра, а фирмата ДИН ДОО „Оточец“ добила 357.000 евра.
Истрагата покажала дека целата операција била поттикната токму од Рокан. На брачната двојка им биле потребни пари откако претходно настанале компликации околу банкарска гаранција за добивање кредит. Тие се поврзале со Дамески, кој заминал за Словенија за да обезбеди информација како да се откупи акредитив во тамошните банки. Со измама тие успеале да извлечат пари од Комерцијална банка и да ги префрлаат на сметки на свои фирми отворени во банки во Словенија.
На безмалку идентичен начин било постапено и во случајот со „Таџоенкс холдинг лимитид Никозија-Кипар“. И во овој случај, два пати бил отворен и платен акредитив, без налог и без покритие, на износ од 125.250 евра, со што Комерцијална банка повторно била задолжена во странство. |