Денеска почнува Саемот на книгата
Канадската писателка за деца, Криста В. Јохансен, ќе биде специјален гостин на манифестацијата
Невена Поповска
Канадската писателка за деца, Криста В. Јохансен, ќе биде специјален гостин на 22. Меѓународен саем на книгата во Скопје, што ќе се одржи од 13 до 18 април годинава.
На 15 април, со почеток во 16 часот Јохансен ќе присуствува на промоцијата на македонското издание на нејзиниот фантастичен роман за деца „Тори и принцот-змија“, објавен од издавачката куќа „Вермилион“, со превод од англиски јазик на Марија Тодорова. За време на настанот авторката ќе потпишува книги за посетителите на штандот на „Вермилион“.
Во рамките на нејзиното гостување на Саемот на книгата, на 16 април во 13 часот на авторката К. В. Јохансен свечено ќе и биде врачена и меѓународната награда „Ана Франк“, што ја доделуваат книгоиздателството „Феникс“ и Фондацијата „Македонија презент“. Жирито на наградата „Ана Франк“ ја награди писателката за книгата „Тори и принцот-змија“ поради нејзината магична авантура полна со акција и неодолив хумор.
Јохансен е авторка на десетина фантастични и научно-фантастични романи за деца и млади, збирки на раскази за возрасни, како и серијата на сликовници „Пипин и Мејбл“. Член е на Сојузот на писатели на Канада, Толкиновото здружение, како и Друштвото за проучување на раноанглиски текстови. Добитничка е на повеќе национални награди за литература, меѓу кои Наградата за рана детска писменост (2000), Наградата Френсис Е. Расел за истражување на детската литература (2004), Наградата Лила Стирлинг од Канадското друштво на писатели (2006) и наградата Ен Конор Бример (2008).
Свеченото отворање на саемот е закажано за вечерва со почеток во 19 часот во „Метрополис арената“, а како што најавија организаторите, манифестацијата ќе ја отвори Министерката за култура на Република Македонија - Елизабета Канческа-Милевска.
Саемот на книгата, како меѓународна манифестација на книгата и како една најзначајна манифестација, претставува најголема концентрација на книжевни и илустрирани дела од домашни и странски автори и претставува најмасовна културна манифестација во нашата земја.
Скопски саем оваа манифестација ја организира во соработка со Здружението на издавачите и книжарите на Македонија - ЗИКМ и Здружението на албанските издавачи од Македонија.
Саемот на книгата годинава ќе се одржи во „Метрополис арена“ на 4000 квадратни метри ангажиран саемски простор. На манифестацијата ќе бидат изложени стручна, научна и белетристичка литература, едукативни книги и прирачници, книги за млади и сликовници за деца, географски карти, глобуси, атласи, календари, хартиена галантерија, училишен прибор и канцелариски материјали, современа опрема и прибор за високо образовните институции.
Во текот на шесте саемски денови публиката и читателите ќе можат да се сретнат со најновите изданија на голем број домашни и странски автори преку издавачите и нивните застапници како од Македонија така и од Србија, Хрватска, Словенија, Бугарија, Албанија, Италија, Велика Британија, Германија, Франција, Белгија и Русија кои ќе бидат претставени на 60 штандови.
Издавачите и книжарите најавуваат секојдневни промоции на книги, литературни читања, средби со писатели. Годинава н��вина е тоа што промоциите на новите изданија ќе се одвиваат на штандовите на издавачите, а праксата за промоција на книги во промотивниот простор ќе се напушти. Во рамките на бројните промоции, што ќе се одвиваат на самите штандови ќе бидат понудени многу нови изданија и средби со авторите. За време на Саемот читателската публика ќе има задоволство да ги проследи и ужива во промоциите на голем број книжевни дела од продукцијата меѓу двата саеми.
Традиционално и оваа година Здружението на издавачите и книжарите на Македонија - ЗИКМ ќе додели награди за најдобри изданија меѓу двата саема, како и наградите за најдобар библиотекар и најдобар книжар, кои редовно се доделуваат на оваа саемска манифестација. Секој издавач поединечно ќе има можност да конкурира со некое од своите изданија за еснафските награди, кои ќе бидат доделени на 16 април напладне во „Метрополис арена“ на Скопски саем. Годинава новина е и тоа дека е намален бројот на наградите кои ќе се доделуваат, така што ќе се доделат вкупно пет награди.
Без сомнение сето ова го покажува значењето на оваа саемска манифестација која учествува во создавањето на традицијата и култот кон пишаниот збор, кој ги обединува луѓето и не признава граници. |