Во Карпош почна да се гради најголемиот трговски центар
Инвестицијата тешка 80 милиони евра е на „Фешн груп“ од Македонија и „Балфин груп“ од Албанија
Деспина Трајковска
Со благослов на архиепископот Стефан и симболично поставување на темелите од страна на премиерот Никола Груевски, вчера почна изградбата на „Скопје сити мол“, трговски центар во Карпош 4, македонско-албанска инвестиција тешка 80 милиони евра поддржана од Европската банка за поддршка и развој. Објектот ќе се гради на површина од 90.000 квадратни, на приземје и два ката и се очекува да биде изграден за најмногу две години. Според најавите на инвеститорите, „Фешн груп“ од Македонија и „Балфин груп“ од Албанија, во „Скопје сити мол“ ќе има околу 150 продавници и, освен бутици со ексклузивни брендови, ќе има марки достапни за нашиот стандард, во центарот ќе има и кафетерии, место за забава, содржини за деца и катчиња како во сите светски шопинг-молови. Паркирањето ќе биде решено странично и подземно, со капацитет од 1.300 места. Објектот ќе се гради според проект на американска архитектонска компанија, која има искуство во изградба на вакви објекти низ светот, од кои педесетина само во Европа.
„Објектот ќе биде симбол на благосостојба и нов белег на градот и земјата во целина. Веруваме дека оваа инвестиција вредна 80 милиони евра ќе создаде ново единствено шопинг-искуство, ќе го подобри социјалниот, културниот и економскиот живот на нашите граѓани и ќе го донесе градот Скопје во новата ера на современиот и урбан живот. ‘Скопје сити мол‘ не само што ќе внесе дополнителна виталност на градот туку и ќе овозможи околу 1.000 работни места во текот на изградбата со користење, главно, македонски градежни компании. Исто така, по завршувањето со изградбата, која е предвидена да трае две години, ќе се создадат околу 2.000 нови постојани работни места“, истакна вчера на официјализирањето на изградбата на шопинг-молот, Питер Варден, главен извршен директор на „Балфин МК“, кој се надева дека оваа инвестиција ќе го зголеми економскиот развој на државата, а истовремено таа ќе стане пример и за домашните и за странските инвеститори.
Оваа инвестиција досега е и најголема во општината Карпош. Општинарите ќе инкасираат околу 2,5 милиони евра комуналии, а досега инвеститорите уплатиле дел, односно 750.000 евра, преостанатите ќе ги отплаќаат на 11 рати.
Инаку, во овој реон, важечкиот урбанистички план, освен изградба на ТЦ, овозможува и изградба на хотел, градинка, пазар, пензионерски дом, пошта и црква, за која има маркичка токму во непосредна близина на еден од главните влезови на трговскиот центар.
Јакимовски не сака приватни забави
И покрај тоа што „Скопје сити мол“ досега е најголема приватна инвестиција во Карпош, домаќинот, градоначалникот Стевчо Јакимовски, иако поканет, вчера не присуствуваше на поставувањето камен-темелник на објектот. „Бев поканет од инвеститорите, но сметам дека нема потреба од мое присуство на официјализирање на приватни инвестиции. Како градоначалник на Општината, не е мое да се сликам на поставување лопати, туку да излезам максимално во пресрет на инвеститорите. Тоа се докажа со условите што им ги дадовме во однос на плаќањето на комуналиите и слично“, ни изјави вчера Јакимовски. Присутни на свеченоста по повод камен-темелникот, меѓу другите, беа градоначалникот на Чаир, Изет Меџити, министрите Јанакиески, Ставрески, Османи, Самак...
|