Во Валандовско штетата од земјотресите -150 илјади евра
Заврши процената на штетите од серијата земјотреси во Валандовско-дојранскиот регион. Во двете општини кај 594 куќи се регистрирани оштетувања од 150.000 евра. Комисиите за процена на штета работеле врз основа на пријави од граѓаните. Кај најголем дел од куќите во овој регион од серијата земјотреси се настанати помали оштетувања, односно напукнување на ѕидовите, а кај мал дел се регистрирани поголеми штети.
„Веднаш реагиравме во подрачјата кои се најпогодени и Владата ќе ги одобри средствата. Тие ќе дојдат на посебна сметка на Општината на солидарниот фонд и врз основа на пријавената штета средствата ќе им бидат исплатени на граѓаните. Истовремено апелираме до оштетените граѓани добиените средства да ги искористат исклучително за реновирање на куќите, а не за други намени, бидејќи се' уште има непоправени куќи од земјотресот во 1990 година, иако граѓаните тогаш зеле отштета“, рече градоначалникот на Валандово, Николче Чурлиновски.
Процената на штетите е вршена по методологијата на Владата, што ја усвоила во 2004 година и секој оштетен, во зависност од височината на штетата, ќе добие од 2 до 24 евра по метар квадратен. (Е.П.) |