Израел и Хамас започнаа војна
Трет ден се напаѓаат цели на Хамас во Газа, а милитантите жестоко го ракетираат Израел
ГАЗА - Израелски авиони веќе трет ден по ред напаѓаат цели на Хамас во појасот Газа, а милитантите почнаа жесток ракетен напад врз Израел како знак на пркос против офанзивата во која загинаа повеќе од 300 Палестинци. Хуманитарната агенцијата при ОН (УНРВА) соопшти дека најмалку 51 од жртвите во Газа се цивили. До оваа бројка, која портпаролот на УНРВА ја нарече „конзервативна“ и „секако ќе се зголемува“, е дојдено по посетите на официјални лица од Агенцијата на болниците и медицинските центри. Израел ги прогласи областите околу Газа за „затворена воена зона“, нагласувајќи го ризикот од палестински ракетни напади. Ова би можело да му помогне на Израел да спроведе копнен напад врз Хамас, исламистичка милитантна група што ја има контролата врз Газа, по тридневните воздушни напади кои предизвикаа хаос, претворија некои објекти во урнатитни и оставија болниците да се обидуваат да се справат со ситуацијата.
Во јужниот израелски град Ашкелон, во ракетен напад од појасот Газа кој е под контрола на Хамас загина едно лице, што е втор таков напад во Израел од саботата, кога почна најжестокиот напад против палестинските милитанти во последниве неколку децении. Марк Регев, портпаролот на израелскиот премиер Ехуд Олмерт, изјави дека воените операции ќе продолжат се' додека населението во јужниот дел на Израел „повеќе не престане да живее во тертор и страв од константни ракетни напади“. „Операцијата би можела да трае со денови“, изјави портпаролот на армијата, Ави Бенајаху.
Израелски тенкови се распоредени на влезот од Газа и се подготвени да влезат во густо населената крајбрежна енклава во која живеат 1,5 милиони луѓе, каде шестмесечниот прекин на огнот со Хамас заврши на 19 декември. Проширувајќи ги нивните цели за да биде вклучена владата на Хамас, израелските воени авиони вчера го бомбардираа Министерството за внатрешни работи на Газа, изјавија палестински извори. Веднаш немаше информации дали има жртви во овој напад. Обелоденувајќи го планот за затворена воена зона, портпаролот на армијата изјави дека новата политика значи дека на цивилите, вклучувајќи ги и новинарите, би ��м било забрането да влегуваат во тампон- зоната од два до четири километри од Газа.
Цената на нафта во светот се зголеми за 5,6 проценти на речиси 40 долари за барел, а аналитичарите предвидуваат дека конфликтот меѓу Израел и Хамас ги потсетува трговците на геополитичкиот ризик за снабдувачите со сурова нафта од Блискиот Исток. Во, како што го нарече, „терористички“ напад, израелската армија соопшти дека Палестинец прободел со нож тројца Израелци во еврејската населба Кирјат Арба во Западниот Брег пред да биде застрелан од минувач и потоа уапсен. Еден од повредените Израелци се наоѓа во сериозна здравствена состојба.
Портпаролот на Хамас, Фавзи Бархум, во неделата упати апел до палестинските групи да ги искористат „сите достапни средства, вклучувајќи ги и маченичките операции“ против Израел, осврнувајќи се на самоубиствените бомбашки напади за време на палестинското востание што еруптираше во 2000 година, но оттогаш е задушувано.
Офанзивата во Газа ги налути Арапите низ Блискиот Исток. Демонстранти ги палеа израелските и американските знамиња во неколку места, за да извршат притисок за пожесток одговор од нивните лидери. Меѓународниот црвен крст соопшти дека болниците во појасот Газа се преполни и не се во состојба да се справат со огромниот број на жртви. Палестински медицински работници посочија дека меѓу жртвите во неделниот напад има и пет млади сестри во северниот дел на појасот Газа и три деца во една куќа во близина на напуштениот дом на висок милитант од редовите на Хамас во јужниот град Рафах. Хамас соопшти дека 180 негови членови се убиени и дека остатокот од повеќе од 300 загинати го сочинуваат цивили, меѓу кои 16 жени и неколку деца.
Израелската министерка за надворешни работи, Ципи Ливни, изјави дека Израел за своја цел ги имал милитантите, но „за жал, во војна... по некогаш и цивили ја плаќаат цената“. Советот за безбедност на ОН апелираше за запирање на насилството, но администрацијата на американскиот претседател Џорџ Буш, која ги минува последните недели од мандатот, побара од Хамас да се обнови примирјето. Висок израелски претставник ја отфрли секоја сугестија дека Израел реагирал сега бидејќи верувал оти се појавила можност која би се затворила со заминувањето на администрацијата на Буш и доаѓањето на Барак Обама во Белата куќа. „Зошто се' мора да биде поврзано со САД? Десети февраури е многу позначаен датум за Израелците“, рече официјалното лице осврнувајќи се на претстојните парламентарни избори што треба да се одржат во Израел. „Беше политички неодржливо за лидерите на Израел да стојат настрана и да дозволат Хамас да продолжи со нападите“, рече официјалното лице.
Ливни, која се надева дека ќе стане премиерка по изборите во февруари, изгледа ја отфрли можноста за целосна инвазија за враќање на блокираната територија под контрола на Израел, во која порано имаше еврејски населби. „Наша цел не е повторно да го освоиме појасот Газа“, рече таа за Ен-Би-Си. На прашањето од „Фокс њус“ дали Израел тргна во соборување на лидерите од Хамас на Газа, Ливни изјави: „Не сега“. (Ројтерс) |