Проевропски Лондон стравува од Вацлав
Британија пред претседателствувањето на „малиот играч“, како што ја опишуваат Чешка со ЕУ
Од нашиот дописник Томислав Ивановски
ЛОНДОН - Како ретко кога досега, политички Лондон, а особено оној што е повеќе свртен кон ЕУ и наклонет кон одржувањето специјални врски преку Ла Манш и со Европа, а не преку Атлантикот со САД, се занимава со редовната шестмесечна смена на претседателствувањето со Унијата, како што е тоа овој пат. Досега, главно, евроскептичниот Лондон, не ги ни бележеше промените со претседавањата, но смената на врвот меѓу Франција и Чешка, што ќе се изврши на 1 јануари, не само што веќе извесно време се најавува во овдешните медиуми, туку е и повод за нескриено стравување за тоа како воопшто ќе функционира Унијата во следните шест месеци. Преземањето на претседателствувањето од Чешката Република се означува како „една од најчудните промени“ на врвот, за која се смета дека ќе донесе „заплеткани и замрсени“ времиња за Унијата.
Стравувањето прво, се објаснува со вкупната состојба во ЕУ, поради тешката економска и финансиска криза во која се наоѓа Европа, неединството кое се искажува околу односот на Унијата кон Русија, независноста на Косово, продолжувањето на ширењето кон Балканот и кон истокот на континентот и незавршениот процес на прифаќање и ратификација на Лисабонската спогодба, што се смета дека е преголема задача за „малиот играч“, како што се опишува Чешка. Другиот повод за стравување се внатрешните состојби во земјата, создадени со неединството во нејзиниот политички врв, поделената влада и дијаметрално различните гледања за ЕУ што ги имаат претседателот на државата Вацлав Клаус и премиерот Мирек Тополанек. Во Лондон не се крие дека главниот страв доаѓа од Клаус, кого едно време британските ториевци го прогласуваа за „најголемиот тачерист“ надвор од Британија, а кого сегашните овдешни либерали и проевропски политички сили го опишуваат како „најтврдиот евроскептик“ на континентот.
Чешкиот претседател не ја прифаќа европската спогодба од Лисабон, која треба да отвори пат за одамна најавените институционални реформи во ЕУ, што пак треба да овозможат продолжување на процесот на примање нови членки. Кла��с не дозволува истакнување на знамето на Унијата на прашкиот замок Храдчане, неодамна „сериозно и гласно“ се искара со делегацијата на Европскиот парламент, а за време на официјалната посета на Ирска, во ноември, предизвика дипломатски скандал откако, и покрај несогласувањето на Даблин, тој се сретна и имаше работен ручек со Деклан Ганли, човекот што го предводеше отпорот спрема Лисабонската спогодба и поради чија силна антиевропска кампања, не успеа референдумот на Ирците.
Претседателот Клаус не се согласува со квалификацијата дека е „евроскептик“, туку за себе повеќе сака да рече дека е „еврореалист“, но британските посматрачи повеќе ги загрижува тоа што тој ја презема претседавачката функција од Французинот Никола Саркози во моментот кога ЕУ се' уште е далеку од тоа дека ја пребродила економската криза, а уште помалку дека има заедничка платформа како да излезе од неа. Чешкиот претседател, кој е економист по професија, е против, како што вели, „социјалистичкиот модел“ за спасување на банките (со државна интервенција), смета дека невладините организации се „поопасни од комунизмот“, тврди дека „глобалното затоплување е мит”, а еколошките прашања ги оквалификува како „луксуз“. Во Лондон, неговата позиција во поделбата на власта во Чешка, се смета за главно церемонијална, но формално тој ќе претседава со Унијата до крајот на јуни 2009 година, па поради целосно нарушените односи со премиерот Тополанек, може да биде сопирачка за потезите што ќе треба да ги прави земјата- претседавач, онака како што сега со месеци го блокира чешкото прифаќање на спогодбата од Лисабон.
Чешкиот премиер меѓу британските посматрачи се опишува во сосема поинакво светло и за него се вели дека е проевропски настроен, дека е антифедералист, што има висока цена во Лондон, не само кај евроскептиците туку и кај проевропски настроените политички кругови, но дека сака да ја ратификува Лисабонската спогодба. Овде се пренесува неговата изјава дека Европската унија е од „витално значење“ за Чешката Република, земја која до пред дваесет години беше цврсто врзана за тогашниот советски блок, како и неговата забелешка, напишана во една негова колумна објавена во Прага, дека е „подобро да го бакнеш германскиот канцелар, отколку да те прегрне руската мечка”. Само по тоа свое гледиште, тој е на иста линија со претседателот Клаус, со кого се разделија и во нивната (доскоро) заедничка партија - Чешката демократска партија - што Клаус ја формира 1991 година, а што Тополанек ја води без нејзиниот основач кој демонстративно ја напушти.
Британците сметаат дека толку многу разлики во врвот не е ниту малку добро за земјата што треба да ја води Унијата од 27 членки, а уште повеќе за ЕУ, особено по „едно од најуспешните претседавања досега“, како што се опишува француското претседателствување. Дури и „Индепендент“, кој за време на француските избори отворено беше за социјалистичкиот кандидат Сеголен Ројал, не го крие своето воодушевување од тоа како Никола Саркози успеа да ја предводи ЕУ во изминатите „тешки и турбулентни шест европски месеци“. За овој лондонски весник, француското претседавање покажа дека „не е системот на ротација толку виновен за отсуството на вистинско европско водство, како што обично се мисли, колку што досега (во најголем број случаи) немаше вистински и одлучен политичар за тоа место“, за да се зафати со работа. Тоа што го изработи Саркози, не ќе можат неговите чешки наследници, вели овој весник, заклучувајќи дека прв пат Хенри Кисинџер „имаше кому да му телефонира во Европа“, што е одговор на една дамнешна цинична забелешка на американскиот дипломат за ЕУ (тогаш ЕЕЗ), за која во една прилика тој ќе праша - а, кому сега ќе треба да му се јавам по телефон во Европа, ако за тоа има потреба. |