Број 3322  петок, 02 јули 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Магазин

Site Meter
Магазин

Ози Озборн

Нов врисок на принцот на темнината

Контроверзниот Ози Озборн со нов материјал „Scream“
и тукушто почната светска турнеја

Александар Митевски

Контроверзниот Ози Озборн, според сите параметри, се доживува како доктор за шокирање на јавноста и тоа го прави во секоја пригода и без ниту малку пардон или дипломатија. Досега жолтиот печат беше вистински поплавен со фотографиите и прилозите на овој контроверзен металец и јавноста се шокира секојдневно од него, без разлика дали е тоа неговото не толку одамнешно вадење од памет на посетителите на музејот на восочни фигури „Мадам Тисо“ или во сцените кога лови разбојници на својот имот. Од стариот Ози сме виделе и многу други дејанија, како, на пример, кинењето на танга-гаќичките на неговата ќерка Кели, како полага за возачка дозвола по 19 неуспешни обиди или за најновото негово етикетирање и научно проучување како медицинско чудо. Дали намерно или не, претенциозно или спонтано, овој човек без влакна на јазикот дејствува по свое убедување и секогаш ја постигнува својата цел – да осамне на насловните страници на таблоидите низ светот. Луѓето говорат дека Ози е вистински папучар и вистинските конци во медиумскиот простор и неговото дејствување ги влече неговата остроумна сопруга Шерон, која се гледа низ призмата на комерцијалниот успех и го насочува контроверзниот сопруг.

Малкумина од светот знае дека Џон Мајкл Озборн е, всушност, тој метал киклоп Ози Озборн што ги прави сите лудости во животот и покрај фактот што овој човек ја дотрошува 61. година од животот. Овој популарен Англичанец, најпознат како лидер на легендарните Блек Сабат е запишан во аналите на светската рокенрол историја како човек кој со Сабат го наслика и нашминка профилот на хеви-метал движењето во рамките на модерната рокенрол ера. Тој вистински минал низ трнлив пат до својот успех и тоа од малиот локален бенд Earth, кој со поддршка од страна на големи продуцентски имиња стана Блек Сабат (име што го доби според филмот на Борис Карлоф). Иако главнината од нивните песни се буквално забранети во САД и во Англија, сепак, нивните хитови „War Pigs“, „Iron Man“ и „Paranoid“ се вистински своевидни хеви-метал химни, иако гласно оспорувани од десничарските групи и јавноста на кои коса им се креваше од музиката и од настапите на озлогласениот Ози и неговите колеги. И како што обично се случува со карактер и појава како нашиот јунак на текстот, Ози, тој на врвот од својата кариера и популарност со Блек Сабат ја напушта групата во 1978 и стартува соло-кариера во која издаде седум студиски албуми и ги стави контур��те на популарниот патувачки фестивал „Ози фест“. Како глорификација на неговото дело и лик, тој неодамна е прогласен за жива легенда и доби една Греми награда за успешната музичка кариера.

Како што веќе рековме од овој британски рокер сме навикнале да слушнеме се' и сешто, најповеќе поради неговата шокантна искреност да говори за сите свои палави периоди од животот, во периодот кога буквално живееше на алкохол, дрога и секс. За него е многу специфично што тој говори за овие негови пороци, злодела и неславни моменти во најситни детали и не се притресува многу од реакциите кои ќе следат и како јавноста ќе реагира на сето тоа. Истото беше и во моментите кога во детали го опишувал своето сексуално злоставување кое го претрпел додека бил мал.

Во сегашноста Ози Озборн денеска живее на Беверли Хилс со неговата сопруга Шерон и со четирите проблематични деца, кои, според него, му прават многу нервози (четвртото е неодамна посвоено дете). Инаку Ози има уште две деца од претходниот брак и поседува дури 15 тетоважи на своето тело. Ози и Шерон денеска се една од најбогатите двојки од Англија и според не толку одамнешните рангирања тие имаат заработено преку 100 милиони фунти само од снимањето, турнеите и реалното шоу. Тие се популарни и богати рамо до рамо со светски познатите ѕвезди и музички тајкуни од нивниот крај, како Род Стјуарт, Џорџ Мајкл, Роби Вилијамс, членовите на Ролинг стоунс, Квин и Даер стрејтс. Светот го знае Ози и како истакнат вегетаријанец, кој неодамна се откажа од месото во кое толку многу уживаше. Сепак, тој не го направил тоа од етички причини спрема животните или од негово такво резонирање од порано (тој порано како помлад работел во кланица и не толку ретко знаел да убива животни на своите “крвави” концерти). Тој едноставно сака да каже дека сега се наоѓа во друга фаза од животот и поубаво му е да јаде ориз и зеленчук и овој необичен шоумен признава дека не е поборник за заштита на животните како сите вегетариjaнци туку едноставно веќе не му се јаде месо.

Други факти од животот на господарот на хеви-металот се тоа што не сака доцнење, скаран е со кујната и приготвувањето (знае само да испржи компирчиња), се тушира најмалку двапати на ден и ја обожува музиката на Џони Кеш. Тој на моменти е и хипохондрик, ги обожува скечовите на Монти Пајтон, мрази да шопингува во сопругата, му пречи преголема тежина и затоа вежба за да биде во форма за претстојната турнеја. Тој е заљубен во неговите кучиња кои ги сака повеќе од луѓето и иако луѓето не му веруваат тој признава дека пати од чуден страв кога е качен на бината.



Живот како реално шоу

Во своите неодамнешни изјави Ози на негодување на неговите телевизиски фанови, сепак, призна дека го мразел реалното шоу, кое MTV буквално го прослави неговото тесно семејство и ги направи вистински светски познати личности. Тој вели дека не уживал во снимањето на шоуто кое ги направи ѕвезди и Шерон, децата Кели и Џек, па дури и кучињата. Овој рок ветеран искрено кажува дека немал ниту одблиску прогноза дека ова шоу ќе стане толку револуционерно и дека ќе го трасира патот на илјадници реални шоу-а по светот да се занимаваат со одредени популарни семејства. Едноставно ова шоу на музичката телевизија беше полн погодок и сите деца на Ози сакаа да учествуваат освен неговата најстара ќерка Ејми од првиот брак која го одби учеството. Инаку контроверзниот Ози не само што го мразел снимањето на серијата, туку до ден денес не сака да види ниту еден сегмент од тие епизоди под образложение дека бил издрогиран во текот на тој серијал и не посакува да се гледа себеси.

Овој посебник се занимава и со други работи кои го тангираат него во иднина. Имено, деновиве тој повторно ја шокираше јавноста со тоа што и дал одврзани раце на неговата сопруга Шерон да го прекрати неговиот живот доколку се најде во кома или слична ситуација. Тој искрено не би сакал да вегетира и затоа и потпишал изјава со која ја овластува Шерон како негов животен сопатник да ги исклучи апаратите доколку се наоѓа во ситуација кога мозокот не му функционира ниту знае за себеси. Тој признава дека ги поддржува активистите за легализација на еутаназијата и не признава дека е тоа Господова работа, туку треба да биде докторска одлука.Тој избегна за влакно од смртта во 2003 кога имаше скоро фатална сообраќајна незгода и тој вистински не верува како останал жив целите овие 60 години.

Деновиве излезе и информацијата дека контроверзниот рокер Ози е предмет на научно истражување со цел да се влезе во неговиот генетски код и да се види што е тоа што го држи здрав и жив сиве овие години на дрогирање и алкохолизирање. Тој допуштил да биде предмет на тримесечно медицинско истражување кое би довело до одговор што е тоа што го поседува Ози. Неговиот начин на живот буквално би го убил секој просечен човек, а покрај дрогите тој пиел и по четири шишиња коњак дневно што е разорувачко за неговиот организам. Компанијата Кноум од примероците на негова крв ќе мапира генетски код кој веројатно ќе даде повеќе одговори, а веројатно приказната ќе има повеќе логика кога ќе се спореди и дополни со разорниот живот на рокерите од типот на Кејт Ричардс, Рони Вуд и Иги Поп кои не им се предаваат на годините иако живеат на острилото од животот.

Џони Деп како Ози Озборн

Најново е дека ќе се снима автобиографски филм за Ози во кој главната ролја ќе ја игра извонредниот Џони Деп. За него е докажано дека е актер со извонредни актерски способности, дека може да се трансформира во било каков лик, па така е несомнено дека одлично може да го изглуми контроверзниот Ози Озборн во филмот за неговиот живот. Неговите трансформации одеа дотаму што Џони го глумеше капетанот Џек во Пиратите од Карибите, Вили Вонка во Чоколадната фабрика на Чарли, играше во Чоколада, а најсвежа е неговата брилијантна трансформација во Лудиот шеширџија од “Алиса во земјата на чудата”. Добрите познавачи на филмската уметност и музиката велат дека Џони е одлично решение за ролјата на оваа жива легенда најповеќе поради фактот што тој е еден од малкуте актери кои можат и знаат повеќе за рокенролот и има одличен англиски акцент сличен на оној на Ози. Ози еднаш изјави дека неговото ултимативно алтер-его се нарекува Џони и тој е голем фан на актерската игра на Деп и неговите филмски успеси.

Останува да видиме како ќе се реализира оваа специфична ролја и дали во филмот ќе можеме да видиме барем дел од оригиналното, реално шоу на таткото на хеви-метал музиката.

Најновиот албум Scream

Овој хеви-метал пионер и мултиплатинест изведувач пред себе го има своето најново студиско остварување Scream, кое деновиве се појави во музичките продавници. Најинтересно е што Ози во функција на што поголема промоција на овој материјал дозволи во рамките на видеоиграта Рок бенд фановите да можат да даунлодираат неколку нумери од овој негов албум без надомест. Како поддршка и промоција на овој негов материјал Ози стартуваше со 18-месечна турнеја, која започна пред некој ден од Англија, во која планира да ја посети Европа, САД, за во октомври да се насочи кон Јапонија и кон неколку дополнителни дестинации.

Ова е негов десетти студиски албум што се појавува по пауза од три години и е прв албум на Ози на кој не свири главниот негов гитарџија Зек Вајлд, а него го заменува Гас Џи. Ози и неговата посебност посакаа да се вметне една тајна уметност скриена во каверот на овој албум. Имено, доколку се погледне поубаво во буклетот и самото ЦД се наѕираат одредени ликови кои личат на Ѓавол, своевидно вонземјански ликови кои се верува дека се изведени од ликот на Ози. Овие слики и цртежи можат да се забележат само кога ќе се насочи светлина директно кон нив.

 Дамки на приказната на Black Sabbath

Некогаш лидер и икона на Блек Сабат и војсководец на неговата бендовска екипа, Ози минатиот период со нив се гледаше повеќе на суд отколку на проби. Тој поднесе судска тужба против членот на Блек Сабат Тони Ајови поради авторски права на името на бендот. Според познавачите на овој процес, Ози е огорчен што не е третиран како основач на бендот и со тоа смета дека му припаѓа дел од приходот за користење на името на бендот и продавање на роба со заштитниот знак на Блек Сабат. Тој бара отштета за неисплатени авторски права и инсистира да биде напишан како коавтор на името Блек Сабат кое Ајови во 2000 го запиша на свое име. Неговиот колега пак тврди дека Ози се откажал од се во врска со Блек Сабат уште во 1980 и не го интересира понатаму. Сепак Ози се обрати со писмо до Тони во кое му укажува дека не е убаво да прави самиот профит од нешто што го создавале заедно и да продава маички и капи со нивни ликови а да ги поседува самиот тие права. Ози на медиумите им рекол дека неколку години се обидува вон судски да го реши овој спор со Ајова и се надева дека кај него ќе проработи совеста за да ги расподели авторските прави на четири подеднакви делови.

 


#
Статијата е прочитана 494 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Магазин
Кралот на сапунските серии
Приоритетите во животот сосема ме сменија
Арогантна тенисерка што ги штеди насмевките
Шарлот нема допирни точки со мене
Неделен барометар
Неделен хороскоп
Тактика на нојот