Број 3322  петок, 02 јули 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Магазин

Site Meter
Магазин

Марија Шарапова

Арогантна тенисерка што ги штеди насмевките

Марија Шарапова не е многу омилена меѓу колегите,
ама за неа се зборува дека има фантастичен сенс за готвење

Бојан Шашевски

Русинката Марија Шарапова не помина најсјајно на годинешниот Вимболдон, најстариот и дефинитивно еден од најпрестижните тениски турнири во светот. Некогашниот женски рекет број еден изгуби од црномурестата Серена Вилијамс во третото коло на зелениот британски терен, но, сепак, таа и натаму го привлекува вниманието со неспорниот спортски сензибилитет, шармот, неодоливата убавина, претставувајќи вечна цел за објективите на папараците.

- Не сум типична ѕвезда, не другарувам со големи филмски и музички имиња. Моите другари и другарки студираат, ама во кој било дел од денот или ноќта можам да се потпрам на нив. Освен тоа, до мене уште од девет години е мојот тренер, а со колегите не сакам да другарувам, се опишува Марија Шарапова во едно интервју.

Нејзиниот живот е врзан за спортот, „го удира топчето откако знае за себе“. Ама знае и одлично да готви. Велат дека е махер за руска национална кујна, во готвење на традиционалниот боршч нема подобра од неа, а сите јадења ги научила од својата баба.

Дваесет и тригодишната русокоса е родена во Њаган, Сибир, откако нејзините родители се преселиле од Хојмел, Белорусија, само една година по немилиот регионален настан во Чернобил, нуклеарната несреќа што го потресе светот. Потенцијалниот талент прв го уочила Мартина Навратилова, а првиот рекет со кој тренираше Шарапова на четиригодишна возраст и' го подари таткото на познатиот Евгениј Кафелникоф. Веднаш откако ја виде нејзината исклучителна рака-око координација, ветеранот Јури Јуткин беше импресиониран, па беше решен да и' даде специјални тренинзи и подготовки на идната тениска ѕвезда. На седумгодишна возраст Марија учествуваше на тениска „клиника“ во Москва, каде што и' препорачаа професионална обука во академијата „Ник Болонтиери“ на Флорида, еминентно место што ги „изглета“ Андре Агаси, Моника Селеш и Ана Курникова. Откако замина за Америка со тренерот и со татко и', по тешките финансиски проблеми, академијата се согласи да и' плаќа годишна школарина, па со тоа, дозволувајќи и', конечно, да се запише на деветгодишна возраст.

Кога имаше само 13 години во ноември 2000 година, го освои првиот тениски шампионат „Еди хер интернационалџ џуниор“, во дивизија за девојчиња до 16 години. Потоа прими награда за „најголема потенцијална ѕвезда“, па набрзо ја започна професионалната кариера, која неуморно се качуваше во нагорна линија.

Оттогаш, па се' до денес, Шарапова зграби 3 гренд-слем турнири, со 17 години стана третата најмлада освојувачка на Вимболдон, во 2005 година го зазеде првото место на ВТА-листата, прими над 15 награди, а на крајот на 2006 стана најскапо платена тенисерка на светот. Две години подоцна, поради тениските игри, но и разновидните комерцијални ангажмани, 1.88 метри високата русокоса стана и најплатениот женски спортски атлет, заработувајќи 26 милиони долари. Од 2007 година Марија е назначена за амбасадор на добрата волја од Обединетите нации, конкретно за програмата за развој и реконструкција на Чернобил. Појавувајќи се низ колоритните страници од светските еминентни магазини, секс-симболот успеа да направи мултимилионски кампањи со „Адидас“, „Пупа“, но и со „Најк“, со кои во почетокот на годинава потпиша осумгодишен договор вреден 70 милиони долари. Списанието „Максим“ четири години по ред ја прогласи за најубава спортистка.

Интересен аспект од игрите на Шарапова е нејзиното викање, односно гласното воздивнување во моментите кога го удира топчето со рекетот. Таа е дефинитивно една од најгласните тениски девојки, веднаш зад Моника Селеш. Низ годините од кариерата ова својство стана нејзина претпознатливост, контроверзен и озборуван белег на одличните игри на тениските гренд-слем и мастерс-турнири.

Русинката е добра пријателка со тенисерката Марија Кириленко, но и со холивудската актерка Ума Турман. Сака да оди по модни ревии, а најомилен дизајнер и е Марк Јакобс. За неа се зборува дека е арогантна и не е омилена многу меѓу колегите. Често се прераскажува случката од пред четири години, што го појаснува карактерот на Марија - се' додека не дојдоа телевизиски екипи што подготвуваа прилог за тенисери, таа гледаше во една точка како хипнотизирана, одбегнувајќи комуникација. Кога се запалија рефлекторите, таа од воздржана и ладна - наеднаш стана драга и срдечна девојка, која не ги штеди насмевките.
















#
Статијата е прочитана 1354 пати.

Испрати коментар

Од: film
Датум: 02.07.2010 01:50:32
Da ne slučajno ima nekoja ohridska žička?

Најди! во Утрински
Магазин
Нов врисок на принцот на темнината
Кралот на сапунските серии
Приоритетите во животот сосема ме сменија
Шарлот нема допирни точки со мене
Неделен барометар
Неделен хороскоп
Тактика на нојот