Чарлс Капчан: Подгответе се да дадете за да добиете
Вашингтон - За решавање на спорот за името е неопходна дисциплинираност и поголемо посредништво од Eвропејците, изјави директорот на европски истражувања во Советот за односи со странство, Чарлс Капчан.Капчан во интервју за Гласот на Америка на македонски јазик вели дека е крајно време да се реши спорот, иако е свесен за тешкотиите и што се' друго освен името, може да имплицира ова прашање.
„Прашањето за јазикот и етничката припадност на Балканот е мошне комплицирано. Никој нема да ги реши спротивставените тврдења преку ноќ. Потребната состојка е зрелост и дисциплинираност. Време е двете страни да се откажат од играта на обострано обвинување и да се зафатат со задачата да го решат прашањето“, вели Капчан.
„Потребна е креативност, да се најде формула со која Македонците ќе сметаат дека го зачувале својот културен, историски идентитет. Мислам дека најдобриот збор би бил решение со кое ќе се спаси образот за Грците“
Капчан не гледа што би можеле повеќе да сторат САД, особено кога се зафатени со други прашања. „САД чинат добро кога го изразуваат своето мислење, притискаат врз страните, но ги оставаат главните преговори на ОН и на ЕУ. САД имаат полн дневен ред, особено во Авганистан, Ирак и на Блискиот Исток, и се вртат кон Европа да преземе поголем товар на Балканот. Ова прашање, секако, е едно од оние во кои Европејците треба да предничат“, изјави тој.
Тој верува дека обете страни почнале да увидуваат дека е време за пресврт. „Би ги охрабрил двете страни да бидат подготвени да дадат, но и да добијат, да не доаѓаат со црвени линии и услови, туку, едноставно, да се каже - доволно беше“, рече Чарлс Капчан. (Гласот на Америка)
|