Враќањето на имотот на Католичката црква во Паљурци доби приоритет
Земјишниот комплекс од над девет милиони метри, откако ќе и' се врати на Црквата, ќе стане нов католички духовен центар
Билјана Јовановска
Предметот за над девет милиони квадрати земјиште во Паљурци, кое го побарува Католичката црква, доби приоритет за разгледување кај владината Комисија за решавање на управни работи од втор степен од областа на денационализацијата. Разврската на овој случај се влече со години, но овојпат конечното враќање на огромниот имот го попречи правобранителот од Гевгелија, кој има забелешки во однос на премерувањето на земјиштето и сопственоста. Во жалбата до Комисијата тој спори за наводната погрешно утврдена фактичка состојба и вели дека Комисијата не образложила врз што ја темели својата одлука за денационализација на имотот во селото, во близина на Богданци.
Државниот врв, барем официјално, покажува разбирање за барањето на Католичката црква, а претседателот Ѓорге Иванов неодамна дури и го посети Паљурци и самиот се заложи за обновување на некогашниот духовен центар. Дотолку повеќе што и за нив во побарувањето нема ништо спорно. Всушност, македонската јавност се информираше за ова село кон крајот на мај, при посетата на Иванов на папата Бенедикт Шеснаесети, кога поглаварот на Римокатоличката црква беше запознат со значењето на Паљурци. Имено, тамошниот духовен центар на сестрите евхаристинки им давал помош и на македонските револуционерни дејци за што, во писмо, сведочи и Гоце Делчев, кој тогаш и' се заблагодарил на Католичката црква.
Земјишниот комплекс од над девет милиони квадрати, всушност, е сопственост на сестрите евхаристинки од Католичката црква, кои во Паљурци имале свој манастир. Дека целиот чифлик е нивен сведочи и тестаментот од отец Јосип Алоати, кој го купил земјиштето, но и 30-те други царски тапии што ги поседува Црквата. Правно гледано, тврдат, предметот е чист, меѓутоа, правобранителот од Гевгелија, кому му било доставено решението од Комисијата за денационализација за потпис, ја оспорил и целата постапка се одолговлекува. Имотот што го бара Католичката црква со полн капацитет функционирал од 1893 до 1920 година, но во 1968 година, откако земјиштето премина во сопственост на државата, на сестрите не им била дозволен ниту престој ниту посета на ова за нив свето место.
Најголем дел од имотот е шума, а на списокот се и вештачката брана, чешмата, но и јавни добра (реки, патишта...), кои не може да се побаруваат, но Црквата ќе бара обесштетување. Семејство Алоати, кое е со италијанско потекло, го им��ло предвид значењето на Паљурци за сестрите и целиот имот им го оставил со тестаментот, кој датира од 20 март 1927 година.
Селото е празно повеќе децении, бидејќи токму на таа локација била линијата на фронтот во Првата и во Втората светска војна, па на жителите не им било дозволено да се вратат во своите домови. Но, се' додека таму биле сестрите евхаристинки, во Паљурци функционирал манастирскиот комплекс, кој имал црква, сиропиталиште, женско училиште за деца без родители... и тоа била своевидна матична куќа на сестрите од овој ред од Католичката црква. Денес селото нема ниту еден жител, а на земјиштето што се побарува функционираат три државни задруги.
Католичката црква сега не сака да го коментира вештачки наметнатиот спор околу имотот од над девет милиони квадрати, но потенцира дека идејата им е таму повторно да се врати духовниот живот и Паљурци, во кое според легендите при својата мисија во Македонија престојува и апостол Павле, одново да ја има улогата на значаен духовен центар. |