Дебакл на полошкиот Совет за развој
ТЕТОВО - Советот за развој на Полошкиот плански регион, во кој членуваат девет градоначалници, уште на стартот доживеа дебакл. На вчерашната прва конститутивна седница, што се одржа во Тетово, не допатува градоначалникот на Гостивар, Руфи Османи. Во текот на конституирањето седницата ја напушти и градоначалникот на Тетово, Сади Беџети, револтиран што за претседател бил предложен и избран Фатмир Узаири, градоначалник на руралната Општина Желино. Поради ова, домаќинот најави дека нема да учествува во работата на наредните седници на Советот.
„Тетово е најголема општина во овој регион, со околу 130.000 жители и не може да биде во втор план. Мора да биде клучна во раководењето и во развојот“, подвлече Сади Беџети. Според него, одлуката за избор на претседател треба да се донесе со консензус. „Нема да прифатам нивни начини на политичко одлучување. Ќе работиме самостојно на развојот на нашата Општина“, додаде Беџети.
Новоизбраниот претседател Фатмир Узаири довербата ја доби од седум градоначалници од регионот, присутни на седницата: пет од ДУИ и двајца од ВМРО-ДПМНЕ. Тој смета дека одлуката на Беџети да ја напушти седницата била избрзана.
„Ќе настојуваме да го разубедиме зашто вака ќе губи целиот регион“, коментираше Узеири. (Г.Е.) |