Одговорност за слепилото кај бебињата
На итен состанок вчера Османи ги повикал гинеколозите, очните лекари и педијатрите
Јасмина Јовановска
За случајот со предвремено родените бебиња со сериозни оштетувања на очите по престој во инкубаторите на Клиниката за гинекологија, министерот за здравство, Бујар Османи, ќе побара одговорност откако ќе лоцира кој е виновен. Тој вчера итно ги повикал на состанок гинеколозите, педијатрите и очните лекари. Од нив побарал да му објаснат како можело да се случува бебињата поради немање соодветен кадар и опрема да се пуштат дома без да им се дијагностицира ретинопатијата, што повлекува доцно откривање на болеста во странство и голем ризик децата да ослепат.
Од Министерството за здравство велат дека не може да се каже од кого ќе се бара одговорност за проблемот со бебињата, додека министерот не ги слушне сите лекари инволвирани во него. Но, од Министерството се категорични дека ваквата неорганизираност нема да се толерира, а за да се реши проблемот, ќе се излезе во пресрет и со финансиска помош за едукација на лекари, но и за набавка на потребната опрема.
„Жално е децата да ослепуваат и тоа поради апарат кој чини само 5.000 евра. Па, толку пати се фрлаат во здравство, се купува камери, а да се нема пари за апарат“, коментираат на клиниките, откако проблемот со ретинопатијата кај предвремено родените деца повторно го актуализираа родители на едно дете, кај кое иако доцна е откриена болеста, сепак, има надеж да му се спасат очите.
Проблемот со ретинопатијата кај бебињата на Гинекологија се провлекува повеќе од две години. Посебно, како што неофицијално дознаваме, откако од Клиниката за очни болести си заминала докторката која колку-толку работела со предвремено родените бебиња и се трудела навреме да им ја открие ретинопатијата. Оттогаш, никој сериозно не се зафатил да го реши проблемот, ниту Клиниката за гинекологија, од каде што бебињата излегуваат со недијагнсотицирана болест, ниту, пак, Очната клиника каде што лекарите иако ги прегледувале децата, не им поставувале дијагноза или таа намерно се испуштала од отпусното писмо. Дека е така покажуваат и отпусните листи за бебињата во кои не е напишано дека боледуваат од ретинопатија, туку кога родителите ќе забележат нешто необично, тогаш почнува нивната голгота за откривање на болеста.
Како што објаснуваат родителите, од Клиниката за гинекологија се обидуваат на секаков начин да се оправдаат дека не е нивна грешка или дека тоа е ��д инкубаторот, која подоцна се потврдува во некои од странските центри каде што бебињата се упатуваат за преглед и лекување. А, голем дел од бебињата кога ќе стасаат на преглед во странство, обично болеста веќе зела голем замав, така што и лекувањето не се со оптимистички прогнози, а и не се нафаќа секој лекар да оперира такви деца. Таков е и најновиот случај. Кога од Турција не им била даден прогноза дека ќе прогледа, родителите заминале во Белгија каде што детето било оперирано и сега закрепнува.
В.д. директорката на Клиниката за гинекологија, д-р Адела Стефанија, тврди дека инкубаторите се в ред и се правда дека ретинопатијата е болест што се јавува често кај предвремено родените бебиња, не само поради недоразвиеноста, туку и поради ред други фактори. Д-р Стефанија ја префрли вината на Очната клиника, чии лекари, иако ги повикувале, нивните прегледи немале резултати.
Од Очната клиника, пак, сметаат дека се стручни да дијагностицираат бебешка ретинопатија, иако немаат таков апарат, кој дури сега побараа да се купи. Неофицијални извори велат дека невладини организации во неколку наврати имале обид да и' помогнат на Очната клиника за да се купи апарат за утврдување бебешка ретинопатија, но не се знае од кои причини биле одбиени.
„Зошто во отпусните листи на бебињата ја нема дијагнозата не ми е познато“, вели д-р Елена Џајковска, директорка на Клиниката за очни болести. Исто така, таа не објасни зошто Очната клиника не им издава конзилијарни мислења на ваквите бебиња кога во странство ќе им се утврди болеста, кога секој ден е драгоцен за да се спасат очите на дечињата.
Од Фондот за здравствено осигурување ни потврдија дека овие бебиња обично одат на операција без конзилијарно мислење. Операциите чинат околу 6.500 евра, а доколку навреме се открие ретинопатијата, таа може да се санира и за 500 евра. Од Фондот уште велат дека и без конзилијарно мислење, тие одобруваат лекување во странство и од почетокот на годинава досега дале согласност за пет барања за операција на очи на бебиња во странство.
Тоа дека нешто симптоматично се случува на Гинекологија со предвремено родените бебиња покажуваат и податоците што на Гинекологија редовно има бебиња кои ја напуштаат болницата со ретинопатија, а на Детската клиника каде што се наоѓа вториот референтен центар за недоносени деца, за 18 години имале само неколку случаи. Колкав е проблемот со ретинопатијата на бебињата на Гинекологија покажува и податокот дека очниот лекар од Нови Сад пред две недели од 11 прегледани деца, кај седум утврдил болест на очите, а на Детската клиника од шест бебиња, кај ниедно нема ретинопатија.
Ваквата состојба д-р Стефанија ја објаснува со тоа што на Детската клиника се лекуваат бебиња со поголема тежина и со помал ризик од оние кои се во нивниот центар. Ова го демантираат педијатрите кои велат дека на Детската клиника биле прифатени деца и во 26. гестациска недела.
|