Крај на ирското „економско чудо“
Земјата беше принуд��на да прифати финасиска понуда „што не смее да ја одбие“
Димитар Чулев
Ирска попушти под притисокот на европските партнери и викендов се согласи и формално да побара финансиска помош за спас на својата економија. Се проценува дека „великодушната“ понуда, која заеднички на Ирска и' ја нудат ЕУ и ММФ, ќе изнесува меѓу 80 и сто милијарди евра, а на контото на некогашното европско „економско чудо“ треба да легнат во наредните три години.
Одлуката за прифаќање на помошта дојде по напорните преговори во текот на викендот, а еврокомесарот за економски прашања Оли Рен, оцени дека одлуката на Даблин е добра и и' ќе помогне не само на земјата туку и за зачувување на еврозоната.
Спасувачкиот појас, јавија агенциите, има цел покривање на дефицитот на владините финансии во вредност од 19 милијарди евра и зајакнување на банкарскиот систем потресен по крахот на пазарот на недвижностите, речиси слична ситуација како во САД каде што домино-ефектот од навидум евтините хипотекарни кредити, ја доведе Америка во најголема финансиска криза во последните 80 години.
Владата на премиерот Брајан Коуен, која има само три места повеќе мнозинска предност да ја протурка мерката во парламентот до последен момент се обидуваше да го избегне тешкото задолжување: „Сандеј тајмс“, деновиве шпекулираше со бројка од 120 милијарди евра, кои, наводно, и' се предочени како „понуда што не смее да ја одбие“. Но, министерот за финансии, Брајан Ленехан, ја отфрли таквата стравична бројка, која на крајот ќе треба да ја вратат ирските даночни обврзници, иако призна дека должничката криза е преголема и дека земјата сама не може да го врати долгот. Стравична, бидејќи, Грција, која се верува дека е во многу потешка ситуација, во наредните три години треба да добие десет милијарди помалку. Односно, 110 милијарди евра за стабилизирање на економијата и намалување на дефицитот на договорените 3 отсто во еврозоната.
Дефицитот на Ирска (создаден поради неуспешните два обида за спас на националните банки), моментално изнесува десетпати повеќе од договореното, или дури 32 отсто од бруто националниот производ, кој мора да го врати на лимитираното ниво до 2014 година. Само идната година Ирска ќе мора да врати шест милијарди евра, а за целосна санација на банките, ќе треба да отидат 45 – 50 милијарди евра.
Мерките за стегање на ременот ќе бидат долги и макотрпни, дека ќе има нови даночни задолжувања, пред се', за граѓаните, но засега се смета дека данокот на добивка со стапка од 12,5 сигурно нема да се зголемува заради задржување на над 600 американски компании, кои работат и најверојатно планираат да останат на островската земја. Членството во ЕУ и' донесе милијарди евра, кои влегоа во изградба на инфраструктурата, а според некои извори од 1975 до 1999, Ирска беше земја во која Унијата најмногу вложуваше.
Според премиерот Коуен, постојат два клучни елемента на планот за санација. Ирскиот банкарски сектор ќе претрпи драстично намалување, а буџетскиот дефицит во земјата ќе се намалува со зголемување на даноците и намалување на трошоците.
Но, како „ирското чудо“ се претвори во европски „итен случај“. Наједноставното објаснување е дека за драматичната криза е виновен крахот на банкарскиот сектор, кој во годините на економскиот подем и бумот со недвижностите во земјата, делеше кредити без покритие. Но, постојат и основани сомневања дека тие (банките) се занимаваа со шпекулации на американската берза... кои немаа позитивен биланс. Сега кога дојде време за отплаќање, одеднаш фиктивниот фискален систем колабираше, а земјата се најде во долгови.
Експертот за економија од Универзитетот во Фрајбург, Уве Вагшал, за Дојче веле ќе изјави дека светската историја е историја на задолжување. И античките Грци биле многу задолжени и живееле на туѓа сметка.
Се чини дека и Ирска не е исклучок. Пред да влезе во ЕУ, во 1972 Ирска била слабо развиена земјоделска земја. Огромните пари што влегоа од европските фондови создадоа слика за земја, која од ништо создава чудо. За творец на тоа чудо беше признат Џон Брутон (кој беше во посета и во Македонија и делеше експертски мислења), премиер на Ирска од 1994 до 1997, кој придонесе за најголемото отворање на земјата кон ЕУ и кон САД. Во земјата влегле инвестиции, но и работна сила од понеразвиените европски земји во Ирска, која изгледаше бескрајно просперитетна, и која во еден момент стана една од најскапите европски држави.
„Вечера во даблински ресторан беше поскапа од слична вечера во париски ресторан, а едно кафе чинеше пет евра. Еден квадратен метар станбен простор беше поскап отколку во Лондон. Во Брисел за 150.000 евра можеше да се купи удобен стан, во Париз минијатурна гарсониера, во Лондон гаража, а во Даблин само место за паркирање“ – пренесе деновиве еден дневен весник, кој ја пренесува и констатацијата дека „...заврши ирското чудо. Тие имаа свој момент, го искористија, загризаа, но се прејадоа. Тоа постојано се случува кога сиромашните ќе добијат многу пари. Не е убаво така да зборуваме, не е убаво да си сиромашен, но не е добро и брзо да се збогатиш“.
Но, финансиската криза, веројатно, ќе има и политичко продолжување. Се' поизвесно е дека, како што прогнозира Дојче веле, земјата набрзо ја очекуваат и нови избори откако не само опозицијата, туку и високи функционери на владејачката партија Фијана Фејл, побараа оставка од премиерот Коуен. |