Полиција го брани градот на УНЕСКО
Дел од бугарскиот град Несебар се наоѓа на списокот на светско наследство
Веселин Желав Дописничко биро на ВАЦ
СОФИЈА - Припадниците на полициската единица за спречување безредија беа распоредени во историскиот бугарски крајбрежен град за да го обезбедат редот кога граѓаните се обидоа да го запрат уништувањето на илегалните објекти изградени спротивно на строгите архитектонски правила. Античкиот дел од Несебар, кој се наоѓа на листата на УНЕСКО за светско наследство, беше формиран на крајот од бронзената епоха од Тракијците, а содржи антички грчки, римски, византиски и средновековни бугарски остатоци.
УНЕСКО предупреди дека би можел да го исклучи Несебар од својата листа на светско наследство поради илегалните градби што никнаа како печурки по дожд во хаосот по падот на комунизмот пред 21 година. Граѓаните протестираа против уништувањето на седум илегални објекти во градот, но на крај се' заврши мирно.
Се наведува дека резиденцијалните и комерцијалните објекти го нарушиле автентичниот поглед на камените и керамичките цркви и дрвени куќи наредени по должината на тесните и кривулести улици од калдрма. Голем број посетители, исто така, беа вознемирени од сеприсутната улична трговија со сувенири и облека што ја засени романтичната атмосфера на стариот Несебар. Градот е лоциран близу Сончев Брег, најголемото бугарско одморалиште на Црно Море, кое привлекува стотици илјади туристи од цел свет секое лето.
Локалните власти наредија итно уривање на илегалните објекти во Несебар како дел од кампањата на национално ниво. Наредбата набрзина предизвика жестоки улични протести од сопствениците на објектите што наведоа дека нема да се спротивставуваат на исфрлањето на Несебар од листата на УНЕСКО. „Ние, Бугарите, го поддржуваме владеењето на правото се' додека тоа не не' засега лично“, изјави министерот за култура Вежди Рашидов. „Тие треба да сфатат дека историјата и архитектурата се оние што ги привлекуваат туристите во Несебар. Луѓето не доаѓаат тука за да се фотографираат со кинески производи на уличните пазари и со фрижидерите на нивните газди“.
Во минатото властите беа благи и подготвени на компромис, но сега тие станаа немилосрдни. Полицајците со полна опрема беа испратени да ги растераат демонстрантите, а група затвореници беа донесени од затворот во близина за да го извршат демолирањето на објектите. Како резултат на тоа повеќето од сопствениците доброволно се пријавија да ги урнат илегалните објекти. (ЕУ обсервер) |