Дејтон 15 години подоцна
Дејтонскиот договор во изминатите 15 години ја покажа сета своја контрадикција - сметаат експертите, нагласувајќи дека е потребна негова трансформација. Особено оптимистички настроени не се ниту граѓаните.
Како и другите мировни договори, така и Дејтонскиот има ограничен век на траење. Со можната стабилизација во БиХ договорот би требало да доживее трансформација, вели Миро Лазовиќ, поранешен претседател на собранието на БиХ и еден од учесниците во мировните преговори. Тој смета дека особено анекс 4 би требало посебно да се трансформира, односно Уставот на БиХ што ги реафирмира националните поделби и произведува социјални и политички конфликти.
„Дејтонскиот договор за овие 15 години ја покажа сета своја контрадикција, бидејќи истовремено им даваше доволно надеж на оние што сакаат да ја интегрираат БиХ, но во исто време и на оние што сакаат да се зачуваат постојаните поделби добиени од војната“.
Улогата на меѓународната заедница во промената на дејтонскиот Устав е од клучно значење, смета Лазовиќ:
„Со одредени позитивни политички притисоци ќе ја принудат домашната политичка сила да ги прифати оние промени што се дел од европските стандарди и принципи“.
Професорот од Бања Лука, Миодраг Живановиќ, тврди дека денешните општествени услови во БиХ се потешки отколку во времето по потпишувањето на Дејтонскиот договор.
„Во сите сектори на животот ништо не е направено, а посебно голем проблем е тоа што етничките далечини во нашата земја сега се многу подлабоки и поголеми, отколку во годините на војната“.
Затоа Живановиќ не е оптимист во поглед на дејтонското функционирање на БиХ.
„Српската страна во БиХ не е за БиХ, како ни хрватската, а, за жал, и третата, односно бошњачката, не е за БиХ, иако за тоа само декоративно зборува. Визиите на бошњачките политичари во изминатите 15 години беа максималистички и кога некој тоа го прави секако дека не е искрено ’за’ БиХ“.
Граѓаните на Сараево зборуваат за тоа каде се наоѓа БиХ, 15 години по Дејтонскиот договор:
„Никаде!“
„Сосема е јасно дека Дејтонскиот договор ја запре војната, но донесе една грда држава, и ако за тоа се виновни Американците, им посакувам држава каква што тие нам ни оставија. По војната имаше повеќе оптимизам“.
Аналитичарите се согласуваат дека дејтонскиот Устав треба да се усогласи со меѓународните стандарди, но не веруваат дека е тоа можно без учество на меѓународната заедница. Не се оптимисти, бидејќи и после октомвриските избори веќе е извесно формирање на меѓусебно спротивставени национални блокови. (Дојче веле)
|