Муслиманите го слават Рамазан -бајрам
На молитвата во Султан-Муратовата џамија на скопски Бит-пазар присуствуваше и премиерот Никола Груевски
Со утринска молитва со која раководеше реис-ул-улемата хаџи Сулејман ефенди Реџепи, во Султан-Муратовата џамија на скопски Бит-пазар, верниците од исламска вероисповед од Република Македонија го почнаа тридневното прославување на Рамазан-бајрам. На молитвата присуствуваше и премиерот Никола Груевски.
Во текот на најсветиот месец за муслиманите - рамазан, кој е деветти месец во исламскиот календар, верниците имаа духовно и телесно прочистување, а денес, со посети на најблиските, си ги простуваат грешките.
Бидејќи ова е и почеток на објавата на Куранот, секој муслимански верник е обврзан да даде т.н. фитер-милостина за сиромашните, кои денес симболично се изедначуваат со богатите. Колкава ќе биде помошта зависи од волјата на дарителот, а доколку не е во можност да го стори тоа првиот ден од големиот празник, обврската треба да ја заврши во текот на годината.
Во исламската традиција се практикува на Рамазан-бајрам верниците да се соединуваат во молитви. Или, како што велат, да ги оживуваат мостовите на љубовта и елементите на блискост, да бидат љубезни и да простуваат. (Б.Ј.) |