Број 3322  петок, 02 јули 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Магазин

Site Meter
Забава

Станав бизнисмен за да ја заштитам мојата уметност

Се чувствувам како ѕвер, како октопод, со осум раце и нозе, признава поп-дивата Калиопи, која најавува нов албум во септември

Катерина Шекеровска

„Најбитно е што по две-три години, конечно, подготвувам албум на македонски јазик. Албум со 10 нови песни и една сосема поинаква продукција и луѓе кои работат на него. Нешто сосема ново и поинакво, а сепак, се трудам да останам своја“, вака поп-дивата Калиопи го започна разговорот за „Утрински весник“ на средбата која ја организираше за новинарите вчера претпладне во кафулето „Експериенс“ на Градскиот плоштад. По подолга пауза, посака да се види со претставниците на седмата сила и да ги сподели со јавноста своите планови, идеи и најава за нов албум на кој работи со комплетно нова екипа соработници.

„Дефинитивно, луѓето што работат на албумот се извонреден тим професионалци, луѓе кои се изјаснија дека им е предизвик соработката со мене, луѓе кои гледам дека вистински се залагаат и вложуваат во албумот. Мислам дека во септември ќе имаме продукт што ќе им значи на моите обожаватели, но, пред се', гледам да ми значи и на мене зашто ако самата можам да го слушам тој албум, ќе знам дека сум им дала вистинска вредност и на другите“, додава Калиопи.

Подготовката и снимањето на нејзиниот нов поп-албум, кој ќе биде во две верзии, на македонски и на хрватски јазик, тече веќе осум месеци и е во завршна фаза на миксање и мастеринг. Покрај Калиопи, која е автор на музиката и текстовите на поголемиот дел од композициите, како автор, аранжер, супервизор и главен музички продуцент на албумот се јавува хрватскиот продуцент Дарко Јурановиќ D’Knock, а како коаранжери, копродуценти и инструменталисти се вклучени неколку од најзначајните музички имиња на овие простори, меѓу кои се Мирослав Рус, Тихомир Прерадовиќ, Рамбо Амадеус, Един Карамазов и други.

Новиот албум ќе има и необична промоција. Имено, за сите свои фанови Калиопи организира бесплатна концертна промоција на Градскиот плоштад, која ќе биде поткрепена со аудиовизуелна инсталација. Поп-ѕвездата ќе ја придружува нејзиниот бенд со кој во живо ќе ги изведе темите од новиот албум, како и своите најголеми и најпознати хитови.

„Ја нисам као ти“, песната со која македонската пејачка го освои второто место на неодамна одржаниот фестивал во Будва и за која наскоро ќе се снима и видеоспот, е добар показател за тоа во која насока ќе се движи новиот албум. Патем, со фестивалското учество во Будва, Калиопи покажа дека се' уште има енергија за натпреварување и дека воопшто не и' пречи да се трка рамо до рамо со дебитанти.

„Човек се менува во животот. Имаше периоди кога одлучивме да не настапуваме на фестивали. Тоа друг го реши за мене, а јас го прифатив зашто мислев дека е нормален след на работите. Но, поминаа времиња кои едноставно ти покажуваат дека секоја одлука не е секогаш исправна. Многу е поважно како и каде се појавувам. Еве, оваа година ме викнаа и на ’Сунчане скале‘, но нема да одам зашто тоа е невозможно поради други обврски. Поголема сатисфакција е да се биде на Будвански фестивал каде што има огромен оркестар, има многу квалитетни и нови имиња и каде што се сите претставници на медиумите од регионот. Зошто човек да не го искористи тој момент за промоција“, вели Калиопи.

Таа моментално се наоѓа на турнеја со светски познатиот лаутист Един Карамазов со кого го снимија заедничкиот албум „Обливион“. Досега поминаа многу места, а допрва ги очекуваат нови концерти - на 6 јули продолжуваат со концерт во Загреб, 8 јули - Кастав (до Опатија), па Птуј, Словенија... Последната информација што стаса од штабот на Калиопи е дека следува и европска турнеја.

„Концертите поминуваат феноменално. Тоа е благодат за душата и морам да признам дека е една голема привилегија за мене, пред се', зашто да се биде на иста сцена со еден таков човек и уметник е навистина голема работа. И тоа ми е издувен вентил за сето останато што го работам“.

Во виорот на постојани патувања и настапи, Калиопи наоѓа време и за хуманитарна работа. Последен проект беше концертот во Кавадарци, што се одржа за помош за изградба на црквата „Св. Петка“, светица која е нејзина заштитничка.

„Кога слушнав дека се работи за изградба на храмот ’Св. Петка‘, неверојатно ме помести таа информација, бидејќи света Петка е една од моите заштитнички, а втора работа е тоа што Васил ме побара за жена токму на тој ден. Немав никаква дилема. Сето она што е хуманитарно и знам дека завршува на вистинското место - таму ќе го видите и моето име“.

Наспроти музичките ангажмани, минатата година за Калиопи значеше и крунисување со титулата - најуспешна жена менаџер. § ласка ли оваа титула?

„Се чувствувам како ѕвер, како октопод, како мојот заштитен знак на ’Калиопи мјузик продакшн‘! Како да имам осум раце, нозе итн. Тоа е уште еден момент што ми кажува повторно: О, Боже мој, што се' правам во мојот живот. Да се биде уметник е една работа, а бизнисмен - сосема друга. А јас морав да станам бизнисмен за да ја заштитам мојата уметност“, вели Калиопи.


#
Статијата е прочитана 1253 пати.

Испрати коментар


Најди! во Утрински
Забава
Сочно бакнување со пријателката
Зурли, тапани и сите адети на Петровден
Бора Чорба во Каменица и во Пробиштип
Бившата девојка лажела за финансиската помош?
Поп-иконата му ја пренел болеста на синот