МАГАЗИН
Што ќе се гледа ова лето на нашите телевизии
Музика, филмови и квизови е генералната слика за програмската шема која летово ќе им биде понудена на гледачите
Ивона Саздовска
Сите оние кои нема да можат да заминат на некоја туристичка дестинација и за момент да избегаат од секојдневјето, ќе бидат принудени да се задоволат со она што ќе го понудат медиумите како летно и лесно освежување.
Еве што ќе може да се гледа ова долго и според температурите екстремно жешко лето.
Телевизија А1 летово со многу новитети за зависниците на телевизијата. За почеток експерименталната програма на првата национална кабелска телевизија А2 ќе донесе многу нови и интересни содржини.
„Она што може да го најавиме за почеток е дека наскоро ќе започне да се емитува нова сапуница од шпанско говорно подрачје под наслов ’Ла Лола‘. Серијата е откупена во повеќе од шеесет земји и ќе биде убаво летно освежување за сите. Во вечерните термини, во 22 часот, ќе се емитува по еден филм. Потоа, во план е да стартува емисијата ’Тито - црвено и црно‘, која зборува за досега неоткриените факти поврзани со вистината за Тито, од неговото доаѓање на власт, па се' до неговата смрт. Емисијата е во 24 продолженија и досега низ балканските земји наиде на одличен прием“, ни изјави Дејан Жераиќ, одговорен за филмската програма на А1 и А2 телевизија.
За оние што ќе сакаат да знаат што е ин или аут, ќе можат да ја следат емисијата „Фама“, што ќе биде своевиден пандан на шоуто „Ексклузив“.
На А1 од 14 јули започнува филмското лето, кое ќе изобилува со понуда која ќе ги задоволи сите критериуми.
Потоа, ќе биде застапено и многу музика и забава, преку емисијата „Ексклузив“, која ќе ги ��леди сите настани на охридските плажи.
Најголема новина е почетокот на квизот „Фифти - фифти“, кој наскоро треба да стартува, под продуцентската палка на екипата која го работеше квизот „Кој сака да биде милионер“. „Во квизот ќе се натпреваруваат во парови, а наградниот фонд изнесува до 300.000 денари“, ни рече Жераиќ.
Програмскиот директор на телевизијата Сител Игор Мурговски ни изјави дека летово гледачите ќе може да уживаат во голем избор на серии, како што се, на пример, „Саут Бич“, потоа „Секс, љубов и тајни“, „Твин Пикс“, „Зина, принцезата воин“ и нова сезона на „Ургентен центар“. Емитувањето на квизовите „Златна треска“ и „Добра шанса“ ќе продолжи во текот на целото лето, како и вестите, кои ќе го задржат редовниот термин.
Од новата телевизија Алфа зборувавме со Љубомир Николовски, кој е програмски директор и кој за ова лето најави неколку нови, но и репризни изданија. „Во текот на летото ќе се емитува емисијата ’Портик‘, но овој пат со продолжено издание од два часа. Најверојатно емисијата ќе оди директно од Охрид, каде што нашите водители ќе ги следат актуелните случувања на плажите. Информативната емисија ќе продолжи да се емитува во редовниот термин, а програмата ќе биде збогатена и со избор на филмови – премиери, кои се дел од пакетот што го има купена Алфа од продуцентските куќи ’Холмарк‘ и ’Парамаунт‘“, вели Николовски.
За љубителите на документарните филмови и серии, ова лето ќе има солидна понуда. По барање на гледачите, ќе се емитува избор од документарци, како и репризно издание на сериите „Бекер“ и „Алф“. Секако, сето ова ќе биде збогатено со многу музика и забава за сите.
Јагода Михајловска - Георгиева, уредник на забавната програма на телевизијата Телма, ни изјави дека ова лето гледачите ќе можат да се забавуваат со веќе добро познатите емисии. „Сите забавни емисии кои се емитуваат на Телма, ќе продолжат до крајот на јули. Што значи дека нема да има посериозни промени на програмата. Мала пауза ќе направиме во август, кога приоритет ќе имаат сериите и филмовите, од кои дел од нив ќе одат како репризни изданија, додека некои ќе бидат премиери. Секако, музичкиот дел постојано ќе биде присутен и збогатен со домашни и странски спотови“, ни изјави Михајловска – Георгиева.
Од телевизијата Канал 5 ни најавија неколку новитети. „Ќе имаме една дневна шема која ќе стартува од 14 јули, во терминот од 14,30 часот, и ќе се емитува директно од Охрид, со наслов ’Кул – тура‘. Вечерните термини ќе бидат резервирани за филмови и музика, додека во текот на летото, по барање на гледачите, репризно ќе ја емитуваме хрватската крими-серија ’Заговор‘. Исто така, ќе продолжи да се емитува и квизот ’Брзи пари‘, како и емисијата ’Вива магазин‘. Од политичката програма, Вестите ќе си го задржат редовниот термин, а емисијата ’Х-О‘ ќе се емитува до 14 јули“, велат во Канал 5.
Во телевизијата Скај нет ни изјавија дека ова лето ќе имаат многу репризи, но и нешто ново. „Емисијата ’Јади бурек‘ ќе се емитува до 15 јули и потоа ќе направиме пауза до 15 август, па потоа повторно се враќаме на малите екрани. Во терминот од 17,30 до 18,30 часот, ќе продолжи да се емитува емисијата ’Ало Скопје‘, а гледачите ќе можат да ги погледнат и прилозите ’Кажи и направи нешто добро за Македонија‘. Од репризните изданија, ќе ги повторуваме сите македонски филмови, а како ексклузивен материјал ќе снимиме емисии со Хунзите во Пакистан, која ќе ја уредува Марина Дојчиновска. На крајот, Скај нет во текот на летото ќе ги разладува своите гледачи со богат музички колаж“, ни изјави Филип Јаневски, програмскиот директор на телевизијата.
Од националната телевизија Алсат - М програмскиот директор Хамди Рашити ни истакна дека ова лето главен акцент во програмата ќе се стави на забава и музика. „Постои голема веројатност да одиме со две нови емисии, кои ќе бидат вистинско летно освежување, но тука ќе бидат и редовните изданија кои секојдневно се емитуваат на телевизијата. Ќе се продолжи со емитување на теленовелата ’Љубовта нема цена‘, како и избор од најдобрите изданија на ’Шоуто на Биг Мама‘. Во секој случај, целта ќе ни биде да ги забавуваме и да ги релаксираме гледачите во горештините“, вели Рашити. |