МАГАЗИН
Излезна порта кон светот
Мамутскиот летен фестивал „Егзит“ (10-13 јули) го освојува континентот, а го демне и светот
АЛЕКСАНДАР МИТЕВСКИ
Многупати сме пишувале за феноменот на фестивалот „Егзит“ и како тој успеа од еден мал, баксузен и во почетокот непризнаен фестивал да прерасне во еден култен летен фестивал со сите нишани, кој го собира светскиот музички крем на едно место. Оваа година овој фестивал не само што успеа да го задржи минатогодишното ниво (кое галопирачки расте секоја година), туку, напротив, вшприца сосема нова сила и свежина и потсобра еден куп квалитетни имиња и артисти кои претставуваат вистински импозантна палета од различни стилови кои публиката со задоволство ќе има прилика да ги види и да ги слушне. За оние малкумина кои не слушнале за оваа летна атака, тој се случува на старата Петроварадинска тврдина (од 18 век) на брегот на Дунав и тоа е вистински 4-дневен сплет на чувства и колизија помеѓу еден чист хедонизам и сечија социјална совест. Овој реномиран фестивал има одлична инфраструктура од ударни светски ѕвезди, екс ЈУ-бендови и врвни диџеи кои настапуваат на импозантен број од дури 25 стејџа. Никој жанр не претставува пречка за настап на „Егзит“ и таму е буквално се' дозволено кога е во прашање стилското шаренило, па така лани можевме да уживаме во настапите на Продиџи, Ву-Танг Клан, Бисти Бојз и Ерик Придз на едно место. Што е она друго што го прави „Егзит“ еден од најголемите социолошки и културолошки феномени, кој ја обзема Југоисточна Европа? Тоа, секако, на прво место е неверојатната атмосфера и енергија која е дел од овој фестивал. Уште од самиот зачеток во овој фестивал имаше огромен набој на енергија насочен кон н��задоволството од режимот на Милошевиќ, па така овој фестивал одигра крунска улога во демократските промени кои се донесоа на брановите на револуцијата на урбаната култура. Само осум месеци по промената на режимот, овој фестивал успеа да собере над 250 илјади посетители, а за неколку години стана и еден од најинтересните и најзвучните фестивалски имиња во Европа во исклучително висок рејтинг. Основните столбови на „Егзит“ се секоја година силно поставени, а тоа се : квалитетни изведувачи и добра програма проследена со многу социјални линкови. Со својата голема популарност и неверојатната медиумска промоција, фестивалот успеа да се закотви како вистинска институција која ги креира комерцијалните трендови што ги следи една огромна група луѓе. Тука мора да се напомене дека и државата Србија имаше слух за оваа златна културолошка кокошка од каде што овој фестивал доби помошни инјекции од сите нејзини нивоа, што беше пресудно за да стане еден од најпознатите пет светски фестивали. Во текот на фестивалот, паркот на брегот на Дунав, помеѓу дунавскиот кеј и студентскиот град, се претвора во гигантски камп и тоа е местото кое им ја овозможува вистинската камперска атмосфера на сите посетители. Длабоко навлезен во сите светски туристички карти и силно изрекламиран, градот Нови Сад е претставен како најисточен град на Западна и најзападен град на Источна Европа. Неговите творци насекаде го претставуваат како вистински крстопат во Европа каде што се вкрстуваат сите патишта и до него може да се стигне со автомобил, воз, авион, па дури и со брод.
Оние што ќе блеснат на сцените оваа година се Audion, Axwell, Bad Copy, The BellRays, Ben Watt, Booka Shade, Claude VonStroke, Deep Dish, Dillinja, DJ Hype, Francois K, Gentleman и The Far East Band, Gogol Bordello, Gossip, High Contrast, The Hives, Juliette and the Licks, Kruder и Dorfmeister, Laurent Garnier, Let 3, Manu Chao, Miguel Migs feat. Lisa Shaw, Ministry, Moomin, N.E.R.D., Nightwish, Noisia, Paul Weller, The Presets, Primal Scream, Roni Size, Sex Pistols, Sham 69, Shy FX и MC:SP, Soulwax, Sven V?th,Tiamat, Tiga, Tom Novy, Vatra како и Zdob ?i Zdub. Единствена црна дамка оваа година ќе биде закажаното присуство, а потоа и отповикано на исландската икона Бјорк, која го испроблематизира својот настап со својата неодамнешна поддршка за независноста на Косово. Останува да го видиме овогодинешниот феномен – „ЕXIT 2008“, па потоа да ги сумираме впечатоците.
Најблескавите ѕвезди на годинашниот фестивал
МАНУ ЧАО - Овој француско-шпански музичар и активист, дефинитивно, е еден од најбараните ликови на овие простори, јунакот кој оваа публика го памети по огромните хитови од 1980-тите години кои се вртеа на тогашните касети - Mala Vida и King Kong Five, на задоволство на гладната публика на „Егзит“, доаѓа и настапува токму на овој фестивал. Овој врвен музичар и ексфронтмен на француските латино-панкери Мано Негра, денес познат како Ману Чао, има зад себе 4 албуми, хитови како што се Rainin’ in Paradize, Politik Kills, Bongo Bong, Je ne t’aime plus, Me Llaman Calle, Clandestino и врвна светска слава, што е предуслов, секако, да настапи на овој престижен фестивал.
ПРАЈМАЛ СКРИМ - Тие се уште едни од оние силно најавувани ѕвезди кои треба да настапат на 11 јули на фестивалот. Публиката ги знае како едни од највлијателните британски бендови кои оставиле неизбришлива трага во историјата на островскиот рокенрол. Во биографијата на овој бенд пишува дека нивна силна страна се неповторливите настапи, а „Прајмал скрим“ пред доаѓањето на овој фестивал вети уште еден голем концертен спектакл.
СЕКС ПИСТОЛС - Панк-великаните доаѓаат во Нови Сад – тоа е сосема сигурно и ќе бидат на главната бина в недела на 13 јули. Ова е тој толку очекуван контроверзен бенд кој само за три години од своето постоење, четири сингла и со еден албум успеа да ја промени музичката сцена засекогаш. Ќе настапи во својот оригинален состав – Џони Ротен – вокал, Стиви Џонс – гитара, Глен Метлок на бас и Пол Кук на тапани. Она што е најинтересно досега е што публиката нема само да ги слуша старите песни од тој единствен албум на „Пистолс“, туку по 30 години ќе слушне и нови песни од овој легендарен британски панк-бенд. Ова го најавија членовите претходно, но изгледа ќе биде вонсериска прилика да се слушнат овие песни, затоа што контроверзните панкери, најверојатно, не планираат да ги стават на албум.
ПОЛ ВЕЛЕР - Пол Велер е еден од највлијателните британски музичари на сите времиња и тој е бивш фронтмен на легендарните „Д Џем и стајл каунсил“. Тој настапува на 11 јул�� на главниот стејџ, каде што веројатно ќе ги свири нумерите од новиот материјал – двојниот албум 22 Dreams на кој му гостуваа еден куп светски имиња, како што се Ноел Галагер и Џем Арчер (од „Оејзис“) и Греем Коксон од бендот „Блур“.
ПЕКИНШКА ПАТКА - На радост на многубројната публика, со нетрпение се очекува настапот на еден бенд кој ги испиша најзначајните страници на југословенскиот панк, на кој (по теркот на „Пистолс“) му беше доволно само еден албум и да остане запаметен како еден од најголемите бендови на овие простори. По 27-годишна пауза, првпат ќе се соберат во оригиналниот состав – Небојша Чонкиќ – Чонта (вокал), Сретен Ковачевиќ – Среле (гитара), Борис Ословчан – Бо (бас) и Шитал Пури- Цила (на тапани) и ќе свират панк. Тие се оставен како крем – за в недела на 13 јули на главниот стејџ. |