МАГАЗИН
Прекарот Кубура го имам од основно училиште
Се надевам дека ќе добијам понуда за работа и во Македонија вели Александар Сречковиќ од „Раткаеви“
АНДРИJАНА РИСТЕСКА
Актер со српски пасош, но големи ангажмани во Хрватска, Александар Сречковиќ или Немања Лазаревиќ, е еден од главните ликови во хрватската серија „Гордоста на Раткаеви“, кој кога се во прашање работата и актерството не знае да каже „не“.
Иако има одиграно многубројни театарски и ТВ-улоги, тој е горд на своето семејство, сопругата Марија и синот Алекс со кои сака да поминува најголем дел од своето време.
Успешен на сите полиња, тој неодамна ги проба своите способности и како продуцент, но главна пеокупација за ова лето му е реновирањето на станот, по што се надева дека ќе стане одличен ѕидар.
Кажи ни нешто за себе, зошто те викаат Кубура?
- Па, како што знаете, јас сум добар актер, згоден, убав (ха,ха,ха). Кубура е прекар кој ми е „даден“ многу одамна, уште од основно училиште кога бев многу немирен. Имав мал инцидент со кубура (стар пиштол) на часот по историја. Накратко, капислата на пиштолот се исфрли, па цело училиште веднаш дозна дека сум Кубура. Не беше ништо опасно, но беше бучно.
Немања Лазаревиќ е име по кое те препознаваат луѓето во Македонија, тоа е една од главните улоги во хрватската серија „Гордоста на Раткеви“. Како дојде до таа соработка и колку си задоволен од хрватските продуценти и продукциската куќа АВА?
- Работата на оваа серија беше многу напорна, но забавна. Имав одлична соработка и со колегите и со сценаристите, па и со продукцијата воопшто. Сите беа многу гостољубиви и пријателски расположени кон мене. Имав интересна улога, Немања е дволичен лик со нестабилен карактер, таа разноликост многу ми помогна да се докажам. Раткаеви не се моја прва соработка со АВА, со нив работев и во серијата „Заговор“ и „Јас Че Гевара“, но „Раткаеви“ се првите кои се прикажуваа на телевизија.
Српските медиуми пишуваа дека Александар Сречковиќ може да се види на секој канал. Тие приказни се поттикнати од фактот што гледачите можат да те видат и во серијата „Ќе се вратат штрковите“, но и на многу други. Уморен ли си од толку работа, еден период работеше и како водител?
- Како водител не сум работел веќе три години, малку се одморам, и покрај тоа што и тој дел од кариерата ми е многу забавен. Инаку да, уморен сум, само толку многу ја сакам глумата и работата на телевизија, па затоа секогаш сум подготвен да влезам во нов проект. Се надевам дека наскоро ќе пристигне и некоја понуда од Македонија.
Неодделна првпат почна да работиш како продуцент, но се' имаш испробано и во музичките води. Какво е тоа искуство за тебе, мислиш ли дека успешно ја работиш таа работа?
- Како пејач настапувам одамна. Учествував неколку пати и на музички фестивали (кога бев во војска) и имам работено и на многубројни музички емисии. Како продуцент се' уште сум нов, но се надевам дека и тоа ќе биде успешно исто како и глумата. Тукушто завршувам со продукцијата на филмот „Заедно“, а веќе со колегата, режисерот Младен Матичевиќ, работиме на документарниот филм „Како да станеш херој“.
Кога се снимаше сапуницата во Загреб живееше одвоен од своето семејство. Верувам дека тоа беше тешко за нив, па ме интересира како тие го поднесоа тоа и дали те поддржуваа сето тоа време?
- Тоа беше првпат да бидам толку долго одвоен од семејството, тоа беше голем шок за сите нас, но успеавме да се навикнеме и заеднички да го пребродиме тоа. Марија доаѓаше во Загреб, кога можеше, се разбира, а јас секој слободен викенд одев во Белград. Не беше пријатно, но работата е работа.
Твојата сопруга Марија е повеќекратен првак во фитнес. Како се запознавте како гледаш на нејзината работа, колку умеете да најдете заедничко во вашите професии?
- Ние двајца се запознавме сосема случајно. При првата средба не си оставивме голем впечаток, но подоцна, сосема неочекувано се роди љубов. Почнавме да живееме заедно, се венчавме и се роди нашиот син Алекс. Нашите професии не се многу различни, иако едната е уметност, другата спорт, нејзината активност во фитнесот има доста сценски елементи, така што и не е толку далеку од театарските движења, само е во поинаква форма. Успешна е бидејќи е амбициозна, сето тоа е многу напорно, но Марија истото го прави совршено, бидејќи е голем перфекционист.
Со сопругата го имате синот Алекс. Што го привлекува него, уметност, спорт, или можеби нешто трето?
- Него го привлекува од се' по малку, па само останува да видиме што ќе избере. Алекс е одличен шахист и математичар, па може да тргне во таа насока. Којзнае, тој е хиперактивно дете и се' може да се очекува од него. Ние му оставаме потполна слобода во изборот и заедно сакаме за биде среќен во она што ќе го одбере.
Какви ви се плановите за ова лето?
- Ништо спектакуларно. Ќе бидам во Белград со мајсторите кои ми го реновираат станот и веројатно ќе помагам во ѕидарските и другите обврски. Којзнае, можеби некогаш ќе затреба.
|