Нова Програма за соработка меѓу министерствата за култура на Македонија и на Хрватска
Министрите за култура на Македонија и на Хрватска, Елизабета Канческа-Милевска и Јасен Месиќ, на билатерална средба во Дубровник потпишаа нова Програма за културна соработка меѓу двете министерства за периодот 2012-2015 година.
Според министерката за култура, Канческа-Милевска, новата Програма за културна соработка за периодот ќе придонесе за афирмирање на културата на двете земји, како и развој на заемната соработка меѓу институциите и соодветните здруженија од сите области на културата и уметноста. „Од особена важност, укажала Канческа, е реализацијата на изложбите што се вклучени во новата Програма за соработка. Поточно, станува збор за изложбите ’Невидливиот пејзаж‘ и ’Пресек на македонската ликовна сцена од независноста до денес‘, во организација на МСУ во Хрватска и изложбите ’Современ хрватски дизајн‘, во организација на Хрватското дизејнерско друштво и ’Современа хрватска скулптура‘, во организација на галеријата ’Кловичеви двори‘ во Македонија. Овие изложби ќе бидат убава можност, граѓаните на двете држави да се запознаат со уметничките тенденции на современата македонска и хрватска ликовна сцена“. (Н.П.) |